НБРМ: Економијата закрепнува со поддршка и од кредитната активност на банките

5

Економијата закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна и монетарна политика на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

“Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви“, стои во соопштението на НБРМ.

Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, високофреквентните показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на позитивните стапки на економски раст, иако веројатно со побавно темпо во однос на растот од првата половина од годината.

Поместувањата кај клучните сектори се во различни насоки. Имено, податоците за индустријата и трговијата за третиот квартал укажуваат на задржување на солидните стапки на раст, наспроти вредноста на извршените градежни работи чијшто пад се продлабочи. Со оглед на очекувањата за интензивирање на активноста на инфраструктурни градежни работи, се оценува дека ваквите поместувања во градежништвото засега се од привремен карактер.

Најновите податоци за инфлацијата во ноември 2014 година покажуваат непроменето ниво на цени во однос на претходниот месец. На годишна и на збирна основа инфлацијата бележи идентична негативна стапка од 0,3%, соодветно, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и цените на енергијата.

Најновите очекувања за увозните цени за следната година се променија во многу кус временски период, потврдувајќи ја неизвесноста околу нивната патека на движење. Притоа, промените кај цените на нафтата повторно се во надолна насока, додека кај цените на дел од светските цени на храната, по подолг временски период направена е нагорна корекција.

По високата акумулација на девизни резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата,  од почетокот на октомври досега, девизните резерви бележат пад. Интервенциите на девизниот пазар и трансакциите на државата се главните фактори на ваквите промени. Намалувањето на девизните резерви во последниот квартал е во согласност со очекувањата, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови.

Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголеми, што услови пласирање на вишокот ликвидни средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарите на пари, пазарните учесници тргуваа со необезбедени депозити, а зголемена активност со дефинитивни и со репо-трансакции беше регистрирана на секундарниот пазар (т.н. пазар преку шалтер) на хартии од вредност.

Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар укажуваат на поволни движења на кредитниот пазар.

При вакви поволни економски услови, НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа.