НБРМ: Ризиците од Брегзит за Македонија

13

Индиректните ризици од излегувањето на Велика Британија од Европската унија врз македонската економија очигледно ќе зависат од ефектите врз Европската унија, како наш најзначаен трговски партнер, стои во публикацијата на Народната банка на Република Македонија: Ефектот од излезот на Велика Британија од Европската унија.

“Потенцијалните директни ефекти, со оглед на малата поврзаност на домашната економија со британската се оценуваат како мали. Постојат неколку директни канали преку кои домашната економска активност може да биде потенцијално чувствителна на случувањата во британската економија по Брегзит. За мала и отворена економија најзначаен е трговскиот канал, односно размената на стоки со британските компании“, стои во публикацијата.

Учеството на Велика Британија во вкупната надворешнотрговска размена, како што се наведува, е релативно ниско и за периодот 2010 – 2015 година и изнесува 6,5%, во просек, од БДП, а речиси во целост произлегува од увозната компонента, во услови на незначителен извоз на стоки.

Анализата на увезените стоки од британската економија упатува на висока концентрација на увоз на платина и други метали од платинската група (структурно учество од околу 90% од анализираниот увоз за 2015 година).

Директната изложеност на случувањата во британската економија може да се согледа и преку директните инвестиции и промената на девизниот курс. Состојбата на директните инвестиции од инвеститори од Британија во домашната економија во 2014 година изнесува 1,7% од БДП.

Влијанието од промената на вредноста на британската фунта, исто така, се оценува како мало, со оглед на нејзиното учество во одделни клучни економски категории.

Ризикот од пренесување на влошената економска состојба од Велика Британија преку финансиските канали, најмногу преку банкарскиот сектор, исто така се оценува како незначителен, поради слабата финансиска поврзаност на двете компании.