Одржана обука на тема ,,Односи со инвеститори“

8
Над 30 претставници од 15 акционерски друштва што котираат на Берзата ја следеа обуката на тема ,,Односи со инвеститори“ којашто се одржа на 17 јуни во Тренинг центарот на Македонската берза.

Оваа проблематика е од особено значење, бидејќи преку поголема транспарентност на акционерските друштва и доставување на навремени и точни информации до пошироката инвеститорска јавност за финансиските перформанси, корпоративното управување, стратешкото позиционирање и други значајни случувања во компаниите се подобрува репутацијата и довербата кај инвеститорите. Воедно, квалитетно воспоставената функција за односи со инвеститори во акционерските друштва ја зголемува можноста за нивен полесен пристап до пазарот на капитал и соодветно идно развојно финансирање.

Предавач на обуката беше Иван Колар, Директор на Секторот за односи со инвеститори во хрватската компанија INA Grupa. Преку целодневна презентација, г-динот Колар придонесе за зајакнување на знаењето на учесниците од практична перспектива. Осврнувајќи се на стандардите за транспарентност во Хрватска и на развиените пазари, преку чија примена инвеститорите го следат и оценуваат работењето на котираните компании на берзите, беше нагласено дека од исклучително значење е континуирано развивање на знаењето од областа на односи со инвеститори во компаниите.

Обуката беше организирана во соработка со Академијата на Загребската Берза.