Одземање дозвола за работа на банка – една од најтешките одлуки за НБ

203

Одземањето на дозвола за работа на банка е една од најтешките одлуки за секоја централна банка. Пред да се посегне кон ваква одлука се вложуваат максимални напори за изнаоѓање на поповолно решение. Но, од друга страна, централните банки не смеат да дозволат банка да работи спротивно на законските прописи доведувајќи ја во прашање стабилноста на финансиски систем, рече гувернерката, Анита Ангеловска- Бежоска на Надзорната расправа во Собранието.

“По исцрпување на сите можности, дозволата за работа на Еуростандард банка беше одземена заради констатирана несолвентност.Поради преземање на повисоко ниво на ризик во работењето, банката во подолг период беше под засилен супервизорски надзор. Постојано изрекувавме супервизорски мерки и го засилувавме интензитетот на супервизорскиот режим. За илустрација: во последните осум години, изрековме околу 70 дополнителни супервизорски мерки, од кои околу 40 само во последниве две години. Со дел од мерките баравме уплата на дополнителен капитал, поаѓајќи од правилото дека поголемиот ризик, бара и поголем капитал за покривање на евентуални загуби“, рече гувернерката.

Банката и сопствениците, како што рече таа, покажуваа одредена респонзивност на изречените мерки, но за жал не доволна. Со вонтеренското следење, на почетокот на минатата година, супервизорските тимови утврдија повисок износ на неприкажани резервации, што резултираше банката за првпат да се соочи со поткапитализираност, но не ниво на поткапитализираност кое би било основ за одземање на дозволата.

Гувернерката рече дека е изречена мерка План за подобрување на состојбата со кој Банката и нејзините сопственици се обврзаа на: признавање на загуби на товар на капиталот или т.н. чистење на кредитното портфолио и паралелна докапитализација заради достигнување и одржување на потребниот капитал.

“Веднаш направивме и теренска контрола, со која утврдивме потреба од поголеми резервации и капитал. Во ноември минатата година сопствениците уплатија 10 мил. евра со што ги исполнија минималните законски барања. Доколку не се случеше таа уплата на капитал, Народната банка уште тогаш ќе ја одземеше дозволата за работа. Сопствениците се обврзаа дека ќе продолжат со дополнителни уплати на капитал и во 2020 година. Активностите за „чистење” на портфолиото продолжија, но исполнувањето на обврската за уплатата на потребниот капитал за првата половина од оваа година, целосно изостана. Во втората половина на јуни, сопствениците, приложувајќи документ, писмено нѐ известија дека имаат потенцијален  инвеститор, и побараа да му дадеме време за  да направи длабинска анализа врз основа на која би ја донел одлуката за инвестирање. По интензивна, документирана комуникација, на почетокот на август, потенцијалниот инвеститор нѐ извести дека не е подготвен да го обезбеди вкупниот потребен капитал во потребната временска рамка. Притоа, тој исто така не ја достави  потребната документација за да може  да се оцени дали  ги исполнува законските барања за акционер. Во вакви околности, Народната банка, немаше друг избор освен да ја одземе дозволата“, рече гувернерката.