Паѓаат и извозот и увозот, најпогодени текстилците

16

Се намалува трговската размена на Македонија со странство. Повеќе паѓа извозот од увозот на стоки. Обемот на трговската размена во август годинава, во споредба со истиот месец од минатата година се намалил за 26,2%. При тоа извозот паднал за 28,7%, а увозот за 24,6%.

Најголем пад е забележан кај лон извозот од 37%, а кај лон увозот падот е драматичен од дури 60%, објави вчера Државниот завод за статистика.

Гледано кумулативно, за осумте месеци од годинава извозот паднал за 11,1% во одно на истотот период лани, додека увозот за истиот период има намалување од 9,9%.

Овие податоци покажуваат дека текстилните фабрики, на кои отпаѓа лон производството се во длабока криза. Се помалку увезуваат суровини, што резултира и со намален извоз на нивните производи. А само пред неколку дена претставниците од текстилните фабрики во земјава излегоа со заклучок дека мора да го променат начинот на производтсво со промена на структурата од лон кон извоз на готови производи. За текстиланата индустрија да добие нов имиџ, експертите порачуваат дека е неопходно да се пласираат квалитетни и нови брендирани производи. Текстилците се жалат дека во последните два месеца се бележеше пад на нарачките од околу 30% – 40%, но дека повторно од почетокот на месецов има тенденција на зголемување на нарачките.

Фактички за онолку колку што се намалени нарачките паднал и лон извозот и увозот.

Инаку, статистичарите соопштија дека вкупната трговска размена на Македонија со странство од јануари до август годинава изнесува 6,7 милијарди американски долари, од што само 2,5 милијарди долари е вредноста на извозот, а 4,1 милијарди долари е вредноста на увозот на стоки. Покриеноста на увозот со извоз е 61,8%. Трговскиот дефицит изнесува 1,6 милијарди американски долари, објави Државниот завод за статистика.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, преработките од нафта, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, рудите на никел и нивните концентрати и електричната енергија.

Најмногу се извезувале стоки кон земјите членки на ЕУ, 62,7% и земјите од Западен Балкан, 24,3%. Увозот, исто така, е најголем од земјите од ЕУ, 58,9% и земјите во развој, 22,4%.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија на кои отпаѓа 47% од вкупната размена.