Паничен шопинг: Германците ги пустошат полиците, во Австрија – леб од конзерва

387

Во Милано еден леб во моментов чини и до осум евра за килограм, а супермаркетите се „исчистени“ од тестенини и брашно. Германските потрошувачи ги испразнија полиците за зејтин, што доведе до тоа малопродажните синџири да го ограничат купувањето и да предупредуваат на акумулација на непотребни залихи.

Светските медиуми јавуваат дека паничното купување повторно зафаќа некои европски земји.

Како што наведуваат, две години по недостигот од пандемијата, конфликтот во Источна Европа предизвикува нов бран на акумулација на храна. Конфликтот ги зголеми цените на храната на глобално ниво бидејќи Русија и Украина произведуваат огромен дел од светските земјоделски резерви.

Угледниот британски Фајненшл Тајмс цитира податоци од Здружението на индустријата за преработка на маслодајни семиња во Германија дека речиси 90 отсто од лененото семе преработено во ЕУ се увезува. Според оценката на тоа здружение, конфликтот во Украина најверојатно ќе предизвика недостиг од храна и сточна храна, што ќе биде многу тешко да се замени на краток рок.

Цените на лебот, тестенините и месото веќе растат во Италија, која увезува голем дел од пченицата од Источна Европа и 80 отсто од сончогледовото масло од Украина, како и големи количини пченка што се користи за добиточна храна. Во Милано лебот моментално чини до осум евра за килограм, а во ноември во просек чинело 4,25 евра.

Според еден британски магазин, Италијанците се жалат дека лебот, кој отсекогаш бил храна за сиромашните, станал „луксуз“. Тоа е причината што граѓаните одлучуваат да направат залихи на брашно за да можат сами да го испечат и да заштедат пари.

Германските трговци беа принудени да ја намалат продажбата на масло за јадење во обид да спречат уште еден круг складирање залихи. Инаку, добро снабдените маркети имаат „празни полици“ каде обично се чува брашно и масла за јадење. Германските потрошувачи се жалат дека им било дозволено да купат само едно шише сончогледово масло.

„Ве молиме, покажете солидарност, мислете на соседите и воздржете се од непотребни набавки“, напишаа трговците пред супермаркетот „Пени“ во Франкфурт.

Супермаркетите во Турција, каде што домаќинствата веќе се борат со зголемената инфлација, го распродадоа сончогледовото масло откако насловите на весниците предупредија дека земјата може да се соочи со недостиг. Шпанскиот министер за земјоделство предложи, наместо да паничат да купуваат сончогледово масло, граѓаните да ги намачкаат тавите со маслиново масло, производ што неговата земја го извезува повеќе од два милениума.

Голема побарувачка за леб од конзерва во Австрија

Единствениот австриски производител на конзервиран леб во моментов има огромна побарувачка за својот производ поради стравот на граѓаните од недостиг.

„Секојдневно добиваме околу 300 нарачки од граѓаните, а имаме и договори за набавка на продавници за преживување. Секој ден нашите погони работат по 16 часа“, велат од пекарата „Дајзер“ од Баден.