Поради големиот извоз, кинеските производители на автомобили нарачуваат рекорден број бродови

30

Кинеските производители на автомобили и испраќачи нарачуваат рекорден број бродови за поддршка на бранот испораки на електрични возила, покажуваат податоците на консултантската фирма Wesson Nautical.

Кинеската флота моментално е на осмото место во светот со 33 бродови за транспорт на автомобили. На прво место е Јапонија со 283 бродови, потоа Норвешка со 102, Јужна Кореја со 72 и Островот Ман (Isle of Man) со 61 брод. Но, кинеските компании веќе нарачаа уште 47 бродови, што сочинува четвртина од светските нарачки. Меѓу клиентите се и производителите на автомобили SAIC Motor, Chery Automobile и BYD, но логистичките компании како COSCO и China Merchants исто така нарачуваат бродови.

„Откако таа флота ќе биде испорачана во Кина, уделот на флотата на носачи на автомобили под кинеска контрола ќе се зголеми од сегашните 2,4 на 8,7 проценти. Очекуваме да се воспостават нови трговски патишта, речиси исклучиво за кинеските производители на автомобили“, изјави Андреа де Лука од Весон.

Најголем дел од досегашните глобални нарачки, 82 отсто од нив, оделе во кинески бродоградилишта, пренесува Хина.

Поради високата конкуренција која ги намалува цените, штедливите потрошувачи и слабата домашна економија, производителите на автомобили брзо се прошируваат на пазари каде што можат да постигнат подобри цени. Минатата година Кина ја престигна Јапонија и стана најголем извозник на автомобили во светот.

Само BYD лани извезе повеќе од 240.000 автомобили, а годинава планира да извезе до 400.000. И странските конкуренти, како што се Tesla и Volkswagen, произведуваат повеќе автомобили во Кина за извоз со цел да ги искористат предностите на економичниот синџир на снабдување.

ЕУ и САД се загрижени за прекумерниот извоз од Кина, особено затоа што другите производители тешко можат да се натпреваруваат со нив. Тие сметаат дека цената на кинеските автомобили е вештачки намалена со огромни државни субвенции, што негативно се одразува на пазарот во ЕУ.