Поставување црвени линии за утврдување економски политики на долг рок

31

perspektivi-2016

Неопходно е дефинирање на црвени линии за коишто треба да се постигне консензус и кои ќе бидат приоритет во економијата на долг рок, беше истакнато на конференцијата 25 години независна Република Македонија – што научивме за македонската економија, како понатаму?

“Треба да се договориме какво општество сакаме, која е нашата крајна цел, сакаме да дефинираме кои се основните постулати во градењето економски политики. Какви патеки треба да заземе Македонија во однос на регионалното економско интегрирање, кои политики се неопходни во наредните 25 години и да се слушне гласот на бизнисот“, изјави Зоран Јовановски од магазинот Економија и бизнис.

Тој нагласи дека Македонија во изминатите 25 години помина низ турбулентен период, но дека мора да се биде оптимист и да се верува дека работите може да се подобрат во следниот период.

Според Никица Мојсоска Блажевски, професор на Американ Колеџ, неопходни се реформи во образовниот систем, бидејќи се продуцираат кадри за кои за 15-тина години ќе нема работа.

“Несоодветноста на образовниот систем, којшто е фокусиран на создавање квалификации на формално образование, ќе придонесе да се формираат кадри за кои за 15 години ќе нема работни места“, изјави Мојсоска Блажевски.

Таа нагласи дека за поставување црвени линии неопходно е планирање на долг рок.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, рече дека развојот на земјата мора да се потпре на инвестициите и зголемување на продуктивноста.

“Факторите на раст се работната сила, инвестициите и продуктивноста. Мора растот да го базираме на инвестициите и продуктивноста. Неопходно е да се создаваат работни места коишто ќе бидат барани во иднина“, рече Богов.

Тој како пример ги нагласи земјите од Вишеградската група (Унгарија, Полска, Словачка и Чешка), како и скандинавските земји, чиј извоз достигнува од 70% до 90% од вредноста на бруто домашниот производ.

“Во Македонија годинава извозот ќе достигне 50%. Да стигне до 70% би било одлично, но за да дојде до тоа важни се странските директни инвестиции“, додаде Богов.

За професорот на Американ Колеџ, Марјан Петрески, важно е поврзување на странските фабрики со домашните компании.

“Добро е да се задржи политиката на привлекување странски директни инвестиции, но со фокус на поврзување на домашните претпријатија и целосна транспарентност во делот на она што се троши за да се привлечат. Спојката меѓу странските и домашните компании треба да биде потпомогната од Владата“, рече Петрески, кој нагласи дека е неопходно затворање на технолошкиот јаз во земјава.

Кочо Анѓушев, како претставник од бизнис сектор, изјави дека во изминатите 25 години, Македонија не успеа да создаде натпревар на млади претприемачи.

“Не направивме атмосфера на претприемништво во државата, во која младите луѓе ќе се натпреваруваат“, рече Анѓушев, кој нагласи дека е потребна поголема поддршка на домашните компании.

На конференцијата беа отворени повеќе прашања поврзани со водењето на економските политики на земјата од осамостојувањето до денес, беа споделени различни мислења и ставови од претставници на академската и бизнис заедницата во Македонија за изгледите на економскиот раст на земјата во следните 25 години.

Конференцијата се одржа на 11-ти овој месец и беше во организација на магазинот Економија и бизнис.

Фото: Економија и бизнис