Повеќе од Белгија и Нов Зеланд заедно – зошто биткоинот троши многу струја

82

Криптовалутата биткоин троши повеќе енергија од Нов Зеланд и Белгија заедно.

Како нешто виртуелно може да бара голем капацитет за производство на електрична енергија?

Ако го читате овој текст, користите електрична енергија. Истото важи и за секое пребарување на Google, испратена имејл порака или фотографија зачувана во “облак“. Колку што нашите животи стануваат подигитални, толку повеќе електрична енергија ни е потребна за да ги напојуваме тие животи. Сепак, постои една дигитална работа која троши особено многу струја – биткоинот.

Тоа го потврдува и студија на Универзитетот Кембриџ. Според неа, огромните серверски фарми, кои стојат зад криптовалутата за една година трошат повеќе струја од Холандија, земја која има над 17 милиони жители, пишува Дојче Веле. А со порастот на вредноста на биткоинот на над 50.000 долари се зголемува и потребата од електрична енергија.

Колку енергија му е потребна на биткоинот?

Тешко е да се дојде до апсолутни бројки поради сложената природа на пресметките. На почетокот на 2017 година, биткоинот користеше 6,6 терават-часови енергија годишно. Во октомври 2020 година тоа се зголеми на 67 теравати. Сега, неколку месеци подоцна, потрошувачката е двојно зголемена на 121 теравати, велат истражувачите од Кембриџ. Тоа е потрошувачка на струја која би била доволна за 700 години работа на универзитетот.

Според истите овие пресметки, ако биткоинот беше земја, само 30 други земји ќе користеа повеќе електрична енергија. Тоа би ги надминало годишните потреби за напојување на ОАЕ, Холандија, Филипини, Белгија, Австрија или Израел.

Холандскиот економист Алекс де Врис пресметува малку поконзервативно и смета дека биткоинот користи 77 теравати енергија годишно. Тој, исто така, ја следел ситуацијата со години и го објавува своето истражување на Digiconomist’s Bitcoin Energy Consumption Index.

Денес на сите центри за податоци на глобално ниво им требаат околу 200 терават-часови електрична енергија годишно, смета Де Врис.

“Во моментот мрежата биткоин троши околу половина од оваа сума“, изјави тој за ДВ.

Во 2018 година една биткоин трансакција имала ист енергетски отпечаток како и 80.000 трансакции со кредитна картичка. Сега, една единствена биткоин трансакција користи електрична енергија како 453.000 трансакции со кредитна картичка, објави Digiconomist, веб страница “посветена на откривање на несаканите последици од дигиталните трендови“.

Зошто му е потребна енергија на биткоинот?

Биткоинот е виртуелна криптовалута. Во суштина, тоа значи дека е управувана од масивна компјутерска мрежа. За да се следи сè и мрежата да остане безбедна, користи систем наречен блокчејн. Со блокчејн се документираат сите трансакции. Секој во мрежата добива копија и сите копии се меѓусебно поврзани. Тоа би требало да оневозможи манипулирање на системот.

Секој може да стане дел од мрежата, треба само да се има компјутер со голема моќност, направен за таа цел. Колку е помоќен компјутерот, толку подобро. Овие компјутери решаваат сè потешки математички проблеми. За да се избегне прегревање, машините мора да се одржуваат ладни.

Фото: Pixabay