Признанија за 50 најуспешни претставници од туристичкиот сектор во земјава

22

Министерството за економија, по повод Светскиот ден на туризмот, додели признанија на 50 најуспешни претставници од туристичкиот сектор во земјава.

Предлозите и годинава се направени заедно со туристичките здруженија и комори, имајќи ги предвид и извештаите од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во делот на доделени субвенции за организиран туристички промет, како и активностите на комисиите кои работат на категоризација на хотели, ресторани и лиценцирање на туристички агенции.

Во периодот  јануари – јули 2016 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 8,5%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 5,3%.

Светската статистика, пак, вели дека во текот на минатата година меѓународниот туризам импресивни шест последователни години бележи зголемување, со рекордни една милијарда 184 милиони туристи кои патувале низ светот. Ова претставува раст од 4% или зголемување од 50 милиони туристи, кои патувале на меѓународна дестинација во текот на годината. Според Светската туристичка организација, изгледите за 2016 година остануваат позитивни, со надеж дека бројот на туристи кои ќе се движат по меѓународните дестинации, ќе порасне за нови 4% во глобални рамки, со што ќе се овозможи искористување на комплетниот потенцијал на туризмот во економијата, општеството и животната средина.