Првото полугодие за Охридска банка заврши со добивка од 255,6 милиони денари

16

ohridska-banka-580x219

Охридска банка Сосиете Женерал во првото полугодие од оваа година оствари добивка од 255.645.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од 2015 година добивката на банката беше на ниво од 259.484.000 денари.

“Кумулативниот реализиран финансиски резултат пред оданочувањето за периодот јануари – јуни 2016 година изнесува 255,6 милиони денари и споредено со истиот период од минатата година, е понизок за 3,8 милиони денари или за 1,5%, поради вклученоста на значителен износ на други приходи во резултатот од првата половина од минатата година, додека споредено со планираниот за првото полугодие остварениот резултат е за 18,6% повисок“, стои во Коментарот за остварените резултати.

Нето приходи од камати на крајот од јуни оваа година изнесуваат 552,5 милиони денари, што е пораст од 18,8% во споредба со остварените нето приходи од камати во минатата година, со реализација на планот од 105,5%.

Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 131,2 милиони денари и во однос на 2015 година се зголемени за 5,7 милиони денари или 4,6%, со реализација на планот од 89,2%.