Се обидуваме со решавање на колективни проблеми да помогнеме во работењето на компаниите

161
IMG_2850
Мирослав Марчев, претседател на бордот на директори на Американската стопанска комора (AmCham) и директор на одделот за даночни и правни услуги на PricewaterhouseCoopers

Фокусот ни е подобрување на бизнис климата во Македонија, развој на локалната регулатива, подобрување на подготовката на работната сила така што ќе може да одговори на потребите на работодавците, подобрување на врската меѓу бизнисот и универзитетите, за образованието да биде ориентирано согласно потребите на бизнисот“, вели Мирослав Мирчев, претседател на бордот на директори на Амерканската стопанска комора во Македонија. Марчев e од 2009 година во Македонија како директор на одделот за даночни и правни услуги на PricewaterhouseCoopers (PwC). Пред да дојде во Македонија, работи во Бугарија, Чешка и Ирска. Во PwC е од 2001 година. Марчев е магистер по право и член е на Софиската адвокатска комора.

БИ: Американската стопанска комора е меѓународна Комора која делува во Македонија. Кои се активностите на Комората? На што е фокусирана?

Американската стопанска комора е најголема меѓународна комора во Македонија. Нашата идеја не е да се мериме со Сојузот на стопански комори или Стопанската комора на Македонија, институции кои постоjaт и повеќе од 90 години, кои имаат илјадници членови, туку да обединиме компании кои се и меѓународни и македонски и кои се на едно повисоко ниво во својот развој, компании кои се дел од меѓународни групации што се тука или македонски компании кои сакаат да излезат на странски пазар, да соработуваат со странски компании, да прифатат нови пракси, вештини и слично. Нашата комора има “американска” во своето име, но тоа не значи дека е ограничена само или исклучиво за американски компании. Соработуваме со броjни меѓународни компании, како и со македонските. Фокусот ни е подобрување на бизнис климата во Македонија, развој на локалната регулатива, подобрување на подготовката на работната сила така што ќе може да одговори на потребите на работодавците, подобрување на врската меѓу бизнисот и универзитетите, за образованието да биде ориентирано согласно потребите на бизнисот. Не помалку важен приоритет ни е и таканаречената корпоративна општествена одговорност. Нашите членки имаат различни иницијативи за да ѝ помагаат на јавноста и AmCham помага во таа насока, затоа што одделна компанија може да има желба, но да не знае како или која иницијатива да ја искористи, а во рамките на Kомората има и таква структура која ги обединува членките заинтересирани за вакви активности и советува како точно компаниите да помагаат, на кои странки да дадат помош, во каква форма и слично. Комората има доста разновидна дејност, со цел бизнис климата во Македонија да се подобрува, компаниите да го зголемуваат својот обем на работа, да доаѓаат нови компании, да се отвораат нови работни места, да има добар дијалог меѓу бизнис заедницата и Владата, од што само можат да добијат и двете страни. Од друга страна, AmCham не е промотер на Македонија. Далеку сме од идејата да го правиме тоа што го прави Владата, која е доста успешна во привлекување на нови странски инвестиции. Идејата на нашата Комора не е да излегуваме надвор и да привлекуваме нови странски инвестиции во Македонија. Нашата цел е да се помогне колективно, на целата бизнис заедница, на сите кои работат во еден определен сектор, а не на поединечни компании. Ние не лобираме, не се занимаваме со индивидуални проблеми, туку се обидуваме да решаваме заеднички проблеми, колективни, чие решавање ќе помогне во работењето на компаниите.

БИ: Какви механизми користите? Како придонесувате во подобрување на бизнис климата?

amchamВо Комората имаме различни иницијативи. Организираме панели, семинари, работилници, на кои се канат како луѓе од странство кои имаат искуство, така и локални претставници од бизнисот, од министерствата, универзитетите, да се дискутира за различни проблеми. Скоро ќе имаме настан за подобрување на вештините за сервисирање на клиенти, а во март ќе имаме семинар за набавки и поврзаните процедури и пракси. Досега сме имале семинари за мотивација, вештини за продажба и слично, кои имаат цел да им помогнат на луѓето кои работат во Македонија. Сите наши средби од ваков тип се отворени и за оние што не се членови. За членовите се бесплатни, вклучени се во годишната членарина што ја плаќаат, додека за оние што не се членови има дополнителен надомест.

БИ: Кој се може да стане член на комората? Каков е интересот кај македонските компании?

Според бројките што ги имам од ноември минатата година, од вкупното членство, околу 40% – 45% се македонски компании. Во 2008 година, со почетокот на кризата забележавме намалување на членовите, но во последните неколку години имаме зголемување, што се должи на фактот дека во Македонија доаѓаат нови компании кои сакаат да станат наши членови, а и македонските компании гледаат корист да бидат наши членки. Имаме различни видови на членство, за индивидуалци, трговци поединци, мал бизнис, стандарден бизнис, а највисокото е таканаречено патроно членство, кое е ограничено и не може да има повеќе од 10 вакви членови. Има интерес за Комората и убедени сме дека сме најголема интернационална Комора во Македонија, според бројот на членството. Верувам дека сме и најактивна Комора, имаме многу настани кои не се само остварување и зајакнување на контакти, туку наменски, луѓето да имаат некаква корист, да научат нешто, да разменат искуства.

Немаме некакви конкретни критериуми за членство, на пример определен обрт, број на вработени, отворени сме и за трговци поединци. Критериумите се повеќе според репутацијата на пазарот, дејноста со која се занимава компанијата, а не според, да речам, некакви бројки. Имаме членови од сите индустрии, производствени компании, трговци на мало и големо, банки, осигурителни компании, консултантски компании… Не можам да издвојам некоја индустрија во која членовите се најбројни. Во моментов најмногу од членовите, според нашата класификација се големи компании.

БИ: Какво е Вашето видување на бизнис климата во Македонија?

Состојбата се подобрува секоја година. Јас сум тука веќе пет ипол години и забележувам подобрување. Влезени се нови инвеститори, земјата се развива напред, тоа не е спорно. На крајот на јануари излезе едно рангирање според кое Македонија е на 53-то место во светот според економски слободи. Очигледно, штом си на 53-то место, има доста работа за подобрување во однос на тие што се пред тебе. Треба да работи повеќе за да се поминат земјите што се пред Македонија, кои се поетаблирани економии, подолго време се пазарни економии, со воспоставени пракси, регулаторите работат добро, независни се.

Можеби било полесно да се стигне до 53-то, но според мене, треба уште повеќе напор да се стигне до, на пример 41-во место. Ваквите рангирања покажуваат во кои сфери Владата би требало да продолжи да работи, затоа што местото се одредува според одделни оценки по компоненти и многу јасно може да се види каде нема движење, каде има назадување. Таквите рангирања можат да се користат како некакви критериуми што да се прави понатаму. Македонија е земја која сè уште е во транзиција од комунизам во капитализам, но има многу нешта што треба да се сменат и да се подобрат за да стане сосема вистинска пазарна економија, по однос на квалитет на регулатива, квалитет на работата на регулатори, инспекцијата на државните органи, инфраструктурата може исто така да се подобри. Не велам дека во тие области не се прават напори, се прават напори за подобрување, сите ги гледаме, но тоа се области што секоја земја треба да се труди да ги подобри, а земјите како нашите во регион треба да се трудат уште повеќе.