Се создава правна основа за употреба на брендот Македонско сонце

27

Made_in_MacedoniaСобраниската Комисија за економски прашања денеска ја констатира потребата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за стандардизација, во прво читање, со кои се создава правен основ за уредување на формата, содржината и примената на промотивниот знак „Македонско сонце“.

“Воведувањето на овој промотивен знак за квалитет на извозните производи, но и за производите што ќе бидат пуштени на домашен пазар, ќе значи градење на национална препознатлива марка, односно бренд. Со текот на времето производите треба да бидат препознатливи како на национално, така и на меѓународно ниво. Со ова би требало да се поттикне бизнис – заедницата да произведува што поконкурентни производи што ќе ги исполнуваат барањата за квалитет и безбедност и што ќе се пуштаат на пазарите во Македонија, во ЕУ и пошироко”, образложи заменик – министерката за економија Катерина Веловска.

Владата на Република Македонија за заштита на промотивниот знак, како што додаде Веловска, одлучи да ја користи Париската конвенција. За добивање на националниот промотивен знак – Македонско сонценце, физичките и правните лица, според измените и дополнувањата, треба да исполнуваат неколку услови, односно да се регистрирани во трговскиот регистар што се води во Централниот Регистер на Република Македонија, да не е отворена стечајна или ликвидациска постапка и да поседуваат сертификат или друг документ со кој се потврдува дека производот е испитан од акредитирани тела и ги исполнува суштинските барања за безбедност или квалитет кои се пропишани во посебните закони.