Што е ребрендирање?

655

Брендирање е важен маркетинг концепт, чија главна цел е производ, услуга или компанија да биде препознатлива на пазарот, да се одвои од конкуренцијата и да ја зголеми својата пазарна вредност.

Преку брендирање, производот или услугата ќе станат препознатливи, ќе создадат свој визуелен идентитет, специфичен начин на комуникација со пазарот и ќе направат силна врска со крајните корисници, со цел создавање лојална база.

Сепак, овој процес иако е долготраен, важно е да се менува и адаптира на промените што ги диктира пазарот. Тоа значи дека една компанија што долго постои на пазарот, мора да внимава на својот визуелен идентитет, да создаде силна комуникација со важните чинители за нејзиниот бизнис, но и да го процени вистинскиот момент за ребрендирање.

Ако некоја компанија има долга традиција и која долги години има идентично лого, се поставува прашањето како ќе се избори за своето место “под сонцето“ на пазарот на немилосрдната конкуренција? На пример, Pepsi е компанија основана во 1898 година, а која досега повеќепати во својата долга историја го редефинира своето лого.

Понекогаш само мал редизајн може да привлече големо внимание од јавноста, да предизвика поголем интерес, да ја поттикне продажбата и да ги зголеми приходите.

Затоа, на овој процес не треба да се гледа како трошок, туку како начин да се промени визуелниот идентитет, да се одговори на промените и да се направи прилагодување на трендовите. Логотипот претставува “жива“ материја што бара внимание, естетика, стручност…, бидејќи на тој начин се воспоставува првиот контакт што е важен за создавање добар впечаток со нова група на потрошувачи или одржување на врска со веќе постоечките.

Сепак, ребрендирањето може да биде комплексен процес кај компании кои веќе имаат утврден и препознатлив идентитет во јавноста. Првиот чекор кон ребрендирањето е анализа на имиџот што брендот го ужива меѓу вработените, клиентите и пошироката јавност, а потоа согледување на силата на брендот и она што треба да биде подобрено.

Фото: Pixabay