Стартува вработувањето на 1.600 лица од ранливите категории

11

gorgiev_g11Со објавување на огласот за вработување на 1.600 лица во Јавното претпријатие Македонски шуми, започна реализацијата на владиниот проект за вработување лица од социјално ранливи категории во јавниот сектор.

Со огласот сите кои припаѓаат во овие категории имаат еднакви можности и шанси за вработување.

Oгласот трае до 22 јуни годинава и на него може да се јават сите лица кои ги исполнуваат условите, односно долгорочно невработени лица над 10 години, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства, невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.

“Владата има изразена политичка волја дека на овој оглас сите лица кои ги исполнуваат критериумите се добродојдени, сите имаат еднакви шанси и можности. Нема да постои дистинкција по ниту еден основ, а секој обид за лобирање и протекционизам ќе се смета за негативно”, информираше портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Тој додаде дека нивната желба за вработување ќе се реализира преку нивно аплицирање и тоа не само за местата што постојат во систематизацијата на Македонски шуми, туку и врз основа на своите перформанси, и за вработување во останатите државни институции. Откако сите лица ќе бидат вработени во Јавното претпријатие, врз основа на искажани потреби од други државни институции лицата ќе бидат повлекувани во нив.

Ѓоргиев додаде дека досега имаат добиено податоци од институциите за потреба од ангажирање дактилографи, стенографи, чувари, обезбедувачи на објекти, курири, доставувачи на пратки, советнички, соработнички места и слично.

Во претпријатието Македонски шуми постои програма и систематизација за прием на овие лица, а обезбедени се и средства за покривање на нивните потреби.