Светските берзи растат до рекордни нивоа петта недела по ред

68

Светските берзи пораснаа и минатата недела, петти пат по ред, при што индексите во Европа и Волстрит достигнаа ново рекордно ниво по пораките од централните банки дека нема да брзаат да ги зголемат каматните стапки.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела зајакна за 1,4 отсто, на 36.327 поени, додека S&P 500 порасна за 2 отсто на 4.697 поени, а индексот Nasdaq зајакна 3,05 отсто на 15.971 поени.

Растот на овие индекси петта недела по ред е благодарение на пораката на Федералните резерви на САД дека нема да брза со зголемување на каматните стапки.

ФЕД во средата, по дводневната седница, објави дека од овој месец ќе ја намали програмата за купување обврзници, која ја поддржува ликвидноста на финансиските пазари од почетокот на минатата година и го охрабрува закрепнувањето на економијата од корона кризата.

ФЕД досега купуваше обврзници за 120 милијарди долари месечно, а од ноември таа сума ќе ја намали за 15 милијарди долари месечно.

Така, програмата за откуп на обврзници би можела да биде завршена кон средината на следната година, но можни се и прилагодувања на ова темпо на намалување на стимулациите, во зависност од економската состојба.

ФЕД, исто така, го задржа ставот дека порастот на инфлацијата ќе биде привремен и дека веројатно нема да биде потребно брзо зголемување на каматните стапки.

Поддршка на пазарот обезбедуваат и подобри од очекуваните квартални деловни резултати на компаниите.

Досега, приближно 440 компании во индексот S&P 500 објавија резултати, при што околу 82 отсто остварија поголема заработка од проценетата.

Затоа, аналитичарите во анкетата на Ројтерс сега проценуваат дека заработката на компаниите и банките од индексот S&P 500 во третиот квартал пораснала за 41,5 отсто во однос на истиот период лани, додека на почетокот на октомври очекувале раст од 29,4 отсто.

Инвеститорите беа охрабрени и од добрите показатели од американскиот пазар на труд. Во октомври бројот на вработени е зголемен за 531.000, повеќе од очекуваното и повеќе од еден месец порано.

Ова покажува дека пазарот на трудот, но и економијата во целина, сè уште закрепнува од корона-кризата.

Но, бројката, исто така, предизвика шпекулации дека ФЕД може да ги зголеми каматните стапки порано од очекуваното, бидејќи централната банка сигнализираше дека затегнувањето на монетарната политика може да започне кога пазарот на труд целосно ќе закрепне од кризата.

И во средата, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека пазарот на трудот може да закрепне доволно до средината на следната година за да достигне целосна вработеност.

И на европските берзи цените на акциите пораснаа петта недела по ред. Индексот STOXX 600 на водечките европски акции зајакна за 1,7 отсто и достигна рекордно ниво.

Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,9 отсто, на 7.303 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 2,3 отсто, на 16.054 поени, а париски CAC 3,1 отсто, на 7.040 поени.

Пазарите се поддржани од добрите квартални деловни резултати на компаниите, но и од пораките од централните банки.

Банката на Англија ги изненади пазарите во четвртокот со одложување на зголемувањето на каматните стапки, додека претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард во средата изјави дека е многу мала веројатноста централната банка да ги зголеми каматните стапки следната година.

Како резултат на тоа, стивнаа шпекулациите дека ЕЦБ би можела да ги зголеми каматните стапки поради зголемената инфлација.

На токиската берза, пак, индексот Nikei порасна за 2,5 отсто, на 29.611 поени.