Трговски дефицит од 837,8 милиони евра од јануари до мај годинава

4

Фото: Pixabay

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај оваа година, достигна 837.872.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – мај 2019 година, изнесува 2.622.004.000 евра и бележи пораст од 14,8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3.459.876.000 евра, што е за 14,1% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – мај 2019 година, изнесува 75,8%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – мај 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала: со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.