УЈП: Насоки за подготовка на МПИН пресметка од страна на извршител

56

ujp

Од први јануари со стапување на сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување од 17.10.2016 година, извршителите стануваат обврзници за пресметка и уплата на придонеси за обврзник за плаќање за кој имаат спроведено наплата од парични средства за придонеси по основ извршување на судска пресуда, стои во соопштението на Управата за јавни приходи (УЈП).

Основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување е основицата за придонеси која е утврдена во судската пресуда. Извршителот изготвува поединечна МПИН пресметка за секој тужен работодавач и врши пресметка на платата за сите обврзниците за плаќање – тужители по периоди утврдени со судската пресуда. Поднесувањето на МПИН пресметката се врши рок од пет дена по денот на спроведеното извршување од парични средства од обврзникот за пресметка и уплата на придонесите, по електронски пат со пополнување на МПИН пресметка со следните комбинации на вид на обврзник/обврска:

Вид на обврзник 310 и вид на обврска 509. Пресметката се пополнува со податоци поединечно за секој обврзник за плаќање за кој извршителот има спроведено наплата од парични средства за придонеси по основ извршување на судска пресуда. Во полето 2.14 задолжително се внесува податок за ЕДБ на тужениот работодавач кај кој обврзникот за плаќање има заснован работен однос. Овој податок за ЕДБ задолжително се внесува и во полето 3.26 од клиентскиот софтвер. Доколку согласно судската пресуда се исплатува разлика на плата, во тој случај пресметката на придонесите се врши на износот на досудената разлика на плата. МПИН пресметката се поднесува за секој месец поединечно.

Вид на обврзник 310 и вид на обврска 503. Оваа пресметка се пополнува на ист начин како пресметката со вид на обврзник 310 и вид на обврска 509, а се користи доколку има потреба за исправка на податоците од поднесена и платена пресметка со вид на обврзник 310 и вид на обврска 509.

За извршителите кои ќе изразат потреба од стекнување на практични знаења и вештини за пополнување и поднесување на МПИН пресметки согласно измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување од 17.10.2016 година, Управата за јавни приходи ќе организира обуки. За посета на обуки на оваа тема, пријавувањето се врши преку Инфо центарот на УЈП 0800 33 000.