За да успее еден бизнис, меѓу најважните работи е што и кому се продава

31
nikolas
Николас Колоф, извршен директор на Аргидиус

Фондацијата Аргидиус е организација чија цел е да им помогне на претприемачите да изградат профитабилни бизниси и да земат активно учество во оддржливиот раст. Според Николас Колоф, извршен директор на Аргидиус, една од најважните работи за успех на еден бизнис е продажбата, односно што и кому се продава одреден производ или услуга.

БИ: Што претставува Аргидиус и кои се главни цели на оваа фондација?

Фондацијата Аргидиус е швајцарска организација чиј главен фокус е микрофинансирањето, односно финансирање на мали и средни компании во различни делови од светот. Нашата поддршка кон овие компании е насочена кон обезбедување на таканаречени capacity development services. Овие нефинансиски услуги подразбираат различни акцелераторски програми, тренинзи и обуки, како и едукација за пристап до финансии. Тоа е посебен предизвик за малите бизниси, бидејќи многу потешко добиваат кредити или наоѓаат инвеститори за реализација на нивните идеи. Работиме на различни проекти низ целиот свет, но најмногу во Латинска Америка, Африка, Централна и Источна Европа.

argidius-a

БИ: Кои се главните предизвици со коишто се соочуваат претприемачите во земјите во развој?

Нефинансиските услуги што ги нудиме се релативно нови во земјите во развој, коишто вообичаено се соочуваат со висока стапка на сиромаштија. Еден од најголемите предизвици е оддржливоста на бизнисот. Претприемачите се свесни за тој предизвик, но понекогаш не знаат каде да побараат соодветна поддршка. Вообичаено, соработуваме со организации како што е ЦЕЕД Македонија, со што имаме олеснет пристап до база на претприемачите, полесно добиваме информации за потешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат, како и можностите што им се нудат при реализирање на својот бизнис.

БИ: Какви проекти најчесто добиваат поддршка од Аргидиус?

Бизнисите коишто добиваат поддршка од нашата фондација имаат развојна димензија. Најчесто поддршката е насочена кон бизниси во земји што се соочуваат со невработеност и релативно висока стапка нам сиромаштија. Нашата цел е да изнајдеме модел за поддршка малите бизниси полесно да преминат на следните нивоа на развој. Секако, не смееме да го изоставиме олеснувањето на пристапот до финансии. Во овој момент работиме на околу 40 проекти, за чие спроведување имаме над 30 партнери, со кои градиме долгорочни релации на соработка.

БИ: Дали може да се измери успехот на малите бизниси?

Многу е тешко да се измери успешноста на еден мал бизнис, бидејќи не постои уникатен модел што може да се користи кај сите видови на бизниси. Еден од начините што го користиме за да утврдиме колку еден бизнис успешно се развива се приходите што ги остварува. Понекогаш е потешко да се добијат целосни информации за економското “здравје“ на бизнисот. Исто така, и бројот на вработени може да биде индикатор за раст и развој на фирмата.

БИ: Совет за сите претприемачи кои имаат идеја, но немаат храброст да започнат свој бизнис?

Многу бизниси не започнуваат бидејќи на располагање имаат многу капитал. Најголемиот дел од нив почнуваат да функционираат бидејќи некој има навистина добра идеја и се обидува да ја заживее истата. За секој претприемач, исто така, важно е добро да ги разбира финансиите. Голем дел од компаниите во почетната фаза од развојот не прават разлика меѓу парите што ги заработуваат од дејноста и оние што доаѓаат од други извори. Неопходно е финансиско предзнаење и искуство бидејќи ниту една банка или инвеститор нема да му позајми пари на претприемачот доколку тој не го прикаже готовинскиот тек на неговата компанија. Она што, исто така, сакам да го потенцирам е продажбата. За да успее еден бизнис меѓу најважните работи е што и кому се продава. Особено важно за претприемачите е никогаш да не се плашат да се поврзуваат со други бизниси, никогаш не се знае кој би можел да ви биде од голема корист.