За секои милион патници кои патуваат преку еден аеродром, се создаваат 3.000 нови работни места

64

Авиосообраќајот бавно ќе закрепнува, не само на македонските аеродроми, туку и авио бизнисот на светско ниво. За да се вратат на нивоата пред кризата, на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе им бидат потребни неколку години, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак во интервју за Локално.

Од 10-ти декември се очекува повторно враќање на голем број линии на Визер, а од утре (седми ноември) од Охрид ќе се лета за Цирих.

“Нашиот најголем предизвик не е стравот од заразување при патување со авион бидејќи патниците ги почитуваат заштитните мерки, туку ограничувањата за патување за македонските граѓани што се наложени од страна на земјите членки на ЕУ“, вели тој.

Постои глобална авијациска иницијатива предводена од Меѓународниот совет за аеродроми (ACI) и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) со којашто се повикува на глобален пристап кон тестирањето меѓународни патници како алтернатива на мерките за карантин.

Се надеваме, вели Батак, дека владите низ целиот свет и воздухопловните власти на ЕУ ќе слушнат за иницијативата и ќе преземат брз чекори за поддршка на воздушниот сообраќај.

“Вистинските менаџери мора да имаат капацитет да ги водат луѓето и бизнисот кога работите одат лесно, но и во тешки ситуации. За време на криза, лидерите го покажуваат своето вистинско лице“, истакна генералниот директор на ТАВ Македонија.

Според Батак аеродромите се движечка сила на целата национална економија, не само на туризмот и туристичкиот аспект на индустријата.

“Истражувањата на Меѓународниот совет на аеродроми покажаа дека за секои милион патници кои патуваат преку еден аеродром, 3.000 нови работни места се создаваат – директно на аеродромите и индиректно во полето на туризмот и угостителството и сите сродни и блиски индустрии. Ова покажува колку позитивно влијание може да има еден брзорастечки аеродром врз целата економија и обратно – негативното влијание што може да го има неговиот пад врз туристичкиот сектор и целата економија. За време на експанзијата во изминативе пет години, двата македонски аеродрома не беа само порта за патувања на македонските граѓани, туку и порта за влез на туристи во доаѓање во Македонија. Охридскиот аеродром цветаше со холандски, белгиски, англиски, израелски, италијански, германски, полски, турски, швајцарски туристи кои ги полнеа туристичките капацитети од април до октомври. Сега, сите овие авиолинии, како и дел од атрактивните дестинации од Скопје, или се откажани или се со драстично намалени фреквенции, поради ограничувањата за патување во ЕУ“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија во интервју за Локално.

Фото: Facebook