Заедничка работилница на НБРМ и Центарот за реформи во финансиското известување

14

nbrm-logo-pocetna

Како една од слабостите во меѓународната регулатива кои придонесоа за појавата на глобалната финансиска криза, во меѓународни рамки беше идентификувано постоечкото барање во меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ) за признавање на оштетување за настанатите кредитни загуби, што резултираше со нивно задоцнето признавање во финансиските извештаи на деловните субјекти (анг. too little, too late). Меѓународниот одбор за сметководствени стандарди, како дел од новиот МСФИ 9 – Финансиски инструменти, пропиша нов модел за оцена и рано признавање на очекуваните кредитни загуби за целиот период на изложеност на кредитниот ризик. МСФИ 9 ќе стапи во примена од први јануари 2018 година.

Со цел подобрување на капацитетите на Народната банка на Македонија (НБРМ), на први и втори февруари 2017 година во НБРМ се одржа работилница на тема МСФИ 9 – Финансиски инструменти, примена за банките, организирана заеднички од страна на НБРМ и Центарот за реформи во финансиското известување (CFRR), канцеларија на Светска банка во Виена.

На работилницата се обработуваа одделни аспекти од МСФИ 9, особено неговата примена за банкарскиот сектор, како и споредливоста и интеракцијата на МСФИ 9 со супервизорскиот пристап за оцена и мерење на очекуваните кредитни загуби за кредитната изложеност на банките. Предавачи на работилницата беа Паскал Фрережак, Мајкл Велс, Шамим Диуман и Жилбер Желар.

На работилницата присуствуваа лица вработени во НБРМ (пред сѐ од Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност), а во текот на работилницата се организираше и панел дискусија со претставници од сите банки и штедилници во Македонија, за време на која се дискутираа практичните аспекти, активности и предизвици за воведување на барањата на МСФИ 9 за банкарскиот сектор во Македонија.