Зголемен индикаторот на доверба во трговијата на мало

28

Индикаторот на доверба во трговијата на мало во второто тримесечје од оваа година е зголемен за 0,6 процентни поени во однос на претходното тримесечје, а за 1,7 процентни поени зголемен во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Eкономската состојба на деловните субјекти во второто тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а поповолна и во однос на второто тримесечје од 2015 година. Се очекува дека ќе биде поповолна во наредните две тримесечја. Количината на залихите е намалена во однос на претходното тримесечје.

Финансиската состојба во второто тримесечје од 2016 година е поповолна во однос на првото тримесечје од 2016 година, а оценката за очекуваните порачки за наредниот период и очекувањата за бројот на вработените се дека ќе се зголемат.

Продажните цени во второто тримесечје од 2016 година се зголемени во однос на првото тримесечје од 2016 година, а очекувањата за продажните цени во наредните три месеци се дека ќе се зголемат. Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на второто тримесечје од 2016 година имале: слабата побарувачка на купувачите со 23,1%, зголемената конкуренција со 22,3% и зголемената понуда на пазарот со 20,1%.