Програмирање на одредена „интелигентна“ функција беше предизвикот на кој работеа педесетина учесници на летната школа Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи на тема Интернет на нештата (Internet of Things), која заврши денеска на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
“Тема на школата се микрокомпјутерите во сите современи „паметни“ уреди – автомобили, авиони и други летала, апарати за домаќинство, мерни уреди, медицинска опрема, роботи, играчки… Улогата на овие микрокомпјутери е, пред сѐ, уредите да ги направат удобни за користење, но денес дополнително се очекува сите овие уреди (нешта) да бидат достапни од која било точка во светот преку Интернет. На овогодишната школа, учесниците преку предавања се запознаа со овие миркокомпјутери и сами, преку проектна задача, програмираа „интелигентна“ функција достапна преку Интернет“, изјави професор д-р. Јосиф Ќосев, раководител на летната школа Дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи.
Летната школа, која се оддржува по шести пат, ја организираа Институтот за електроника при ФЕИТ и компанијата Сивус, од оваа година придружени и од компанијата Логинг Електроникс со спонзорство на микрокомпјутери RaspberryPi, за едната од трите групи посетители.
„Како компанија секогаш излегуваме в пресрет кога се прави нешто добро за студентите, нешто што ќе им користи во професијата. Практичната настава, како што е оваа работилница, всушност носи резултати и секогаш, тоа недостасува во едукативниот дел. Важно е техничките лица да осознаат како функционираат микроконтролерите и целокупната технологија. На овој начин, откако ќе го разберат системот на функционирање, лесно е да се снајдат во која било работна средина и успешно да се носат низ професионалниот живот“, вели Златко Крстевски, директор на Логинг Електроникс.
За Бисерка Конеска, маркетинг менаџер во Сивус, оваа школа овозможува кадар за вработување во компанијата.
„Ова е одлична соработка меѓу ФЕИТ и нашата компанија. Имаме многу заеднички проекти и работилници. Студентите имаат реална можност да почуствуваат како е да се работи на реални проекти и како функционира професионалниот живот во голема компанија. По завршување на школата, некои студенти добиваат вработување во Сивус“, вели Конеска.
Почетоците на оваа школа датираат уште од 2009 година со меѓународниот DAAD проект Embedded System Design, под водство на Институтот IHP Microelectronics од Франкфурт (на Одра). Последната школа од проектот била одржана на ФЕИТ во Скопје во 2011 година, но поради мошне големиот интерес кај студентите, школата продолжува да се одржува и по завршувањето на проектот. Годинава има околу педесетина посетители – главно студенти од ФЕИТ и од техничките факултети во Скопје, но и средношколци, дипломирани инженери и магистранти. Покрај предавачи од ФЕИТ, на школата гостуваат и предавачи од други факултети и компании од земјава и од странство.