Предизвици во банкарскиот и финансискиот сектор, крипто – валути и можности од новите технологии во 2018

112
Борјан Пановски, инвестициски банкар од САД

Европа и САД сè уште закрепнуваат од последиците на големата финансиска криза од 2008 -2009 со сè поголеми ризици за повторна криза. Рапидниот развој на новите технологии во финансиските услуги ќе донесат тектонски трансформации во банкарскиот систем каков што го познаваме денес. За овие и други теми разговаравме со Борјан Пановски, инвестициски банкар од САД со 20-годишно меѓународно искуство, во интервју за Бизнис Инфо. Тој дава сопствен осврт за состојбата во банкарскиот систем во Европа и САД, последиците од финансиската криза, трансформација во банкарството благодарение на дигиталните технологии, состојбата во регионот и во Македонија.

БИ: Централната банка на САД во октомври одлучи да започне да го намалува огромното портфолио обврзници, а референтната каматна стапка засега да остане непроменета. Каков е вашиот став по ова прашање?

Ова само по себе е посебна тема за разговор и бара поопширна дискусија. Интересно е што на оваа тема имам говорено во два поопширни написи во списанието Економија и Бизнис (изданија за месеците 12/2014 и 02/2015) и добро е да се погледа денешната состојба во контекст на тие анализи и предвидувања.

Ќе се обидам да дадам кратко резиме, но пред тоа, ќе треба да ги објасниме и именуваме работите со вистинското име. Огромното портфолио на обврзници што сега ги поседуваат Федералните Резерви на САД се резултат на интервенцијата во системот поради глобалната финансиска криза од крајот на 2008 па наваму преку печатење пари. Откупот на обврзници е само начин за нивно пуштање во оптек во системот во комбинација со намалување на каматните стапки на нула, истовремено “откуп на обврзници“ не звучи толку страшно како терминот “печатење пари“ којшто буди асоцијации на Зимбабве. Иако формално престана во САД на крајот на 2014, масовно печатење на пари сè уште е во игра во Еврозоната (60 милијарди евра месечно) и Јапонија (еквивалент на околу 50 милијарди евра месечно) што се огромни износи, додека паралелно се експериментира со негативни каматни стапки (Скандинавските земји, Еврозоната и Јапонија). Покрај тоа што е логички парадокс – некој да ви плаќа за да ви даде кредит, односно враќате помалку отколку што сте позајмиле – ако добро се размисли, негативните каматни стапки претставуваат и многу опасен преседан како во економски поглед, така и во смисла на индивидуалните права и слободи и приватна сопственост.

Иако печатењето на пари помогна да се избегне целосниот колапс на системот базиран на фракционо банкарство, пролонгирано ослонување на само еден сет на мерки без промена на фундаментите на системот може да донесе низа други несакани последици, што гледаме дека се случува како на економски така и на политички план (Брексит, Каталонија, зголемување на економскиот јаз итн).

Прологирано држење на историски најниски ниво на каматни стапки има според мене три генерални непланирани појави:

Прво – дислокација на ресурси поради постоење на “лесни пари“ со ниски камати и консеквентна појава на “балони“ односно напумпани вредности во одредени класи на средства во одредени географии. На пример, бум на берзите или на пазарите на недвижности во одредени региони итн.

Второ – опиеност од леснотијата на печатењето и одложување и игнорирање на потребите за реформи и прочистување на системот. Задолжувањето и печатењето пари се како дрога. Ако престане печатењето и задолжувањето системот може многу брзо да влезе во нова криза. Проблемот е што ни едното ни другото не може да траат во недоглед.

Трето, и многу битно – поради начинот на којшто новите пари се вбризгуваат и шират во економијата, фактички имаме централно организирана редистрибуција на ново-создадено богатство во рацете на подобро ситуираната класа, сопствениците на компании, акции или недвижности. Интересно и парадоксално е дека истите тие кои ги промовираат ваквите политики од кои директно профитираат богатите, зборуваат за нееднаквост, за зголемување на даноците и интервенција во економијата од страна на властите за наводно помагање на работничката и средната класа.

После сè ова што го кажав, одговор на прашањето за каматните стапки е дека многу тешко ќе биде каматите да се зголемат без негативен удар врз економијата, а тоа е скоро невозможна мисија за ЕЦБ и Банката на Јапонија и тие тоа го знаат.

БИ: Во каква состојба, според Вас, се наоѓа банкарскиот систем во Европа и САД?

Квантитативното олеснување (Quantitative Easing е само еден од повеќето други креативни називи за истата работа), односно печатењето на пари индиректно беа и се рекапитализација на банките од страна на државата со оглед дека директна државна помош на банките не е дозволена според статутите на ЕЦБ или Фед.

Иако навидум банкарскиот систем денес делува и се прикажува како стабилен, мислам дека е сè уште многу ранлив на екстремни тн. “tail risk“ настани. Ризиците се можеби и поголеми ако се земе предвид дека најголемите банки сега се со многу поголеми биланси во споредба со пред кризата во 2008 година, а приходите од кредитните портфолија, баш поради ниските каматни стапки не соодвествуваат на нивните ризици.

Од друга страна, во САД процесите на банкрот и пропаѓање на банки се поприфатливи и релативно поедноставни отколку во Европа. Банките во Европа се позатворени и скоро е невозможно да се појави нова конкуренција, имаат историски врски со големи корпорации, процентуално преставуваат голем фактор во економијата и во голем дел се инструмент на политиката и предмет на манипулација.

Мислам дека банкарскиот систем во Европа дури сега излегува од кризата, но е сè уште ранлив доколку се јави нова рецесија или печатењето на пари престане.

bp2

БИ: Колку хипотекарната криза успеа да го зацврсти системот и да ги отстрани недостатоците? Кои се главните ризици коишто се потенцијална закана за глобалниот банкарски систем?

Мислам дека главниот ризик сега е всушност истата политика што се примени за спас на системот, а тоа е континуираното печатење пари (преголема ликвидност) и нула или негативните каматни стапки кои внесуваат дисбаланс во проценка на реалните системските ризици на кредитните портфолија, што го прават системот посебно чувствителен на каматните стапки кои не може веќе да се намалуваат дека се на нула, а мора да се зголемат за реално да го отсликуваат ризикот. Ниските или негативните камати понатаму влијаат на зголемување на нивото на задолжување и ризични инвестиции кои би биле помалку атрактивни ако каматите би биле повисоки, а со тоа дополнителна изложеност на несоодвентно проценет ризик.

БИ: Да се префрлиме на малку на друга тема. Развојот на новите дигитални технологии ќе донесе значителни промени во сите сфери на современото живеење. Сметате ли дека тоа ќе доведе и до масивни трансформации во банкарското работење? Кои се вашите прогнози во овој поглед?

Новите технологии (во најголем дел овозможени со, и во комбинација со интернет) веќе фундаментално променија многу аспекти на животот, од туристички патувања и авионски карти, онлајн шопинг и директна достава дома за неколку часови, социјални мрежи, работа на далечина, платформи за директни услуги (на пример Airbnb, Uber, Lending Club), комплетни информациски системи базирани на ‘cloud’ технологии, видео комуникација, цело филмско студио на лаптоп и YouTube, систем за наплата преку паметен телефон, цела категорија на нови професии итн. Револуционерните трансформации во финансиските услуги веќе се случуваат одамна, како што се директните плаќања, интернационални трансфери, тргување на повеќе светските берзи преку една платформа, микро-кредити, индивидуално и групно директно кредитирање без посредство на банка, осигурителни услуги итн.

Најновиот феномен којшто привлекува сè поголем интерес и зема сè поголем замав (што директно се рефлектира и на цената, а и на обемот на нови инвестиции) се децентрализираните дигитални крипто – валути од кои Биткоиот е прва и најпопуларно прифатена и тие ќе бидат следната фаза во таа трансформација. Со оглед на револуционерниот концепт на крипто – валутите, јас мислам дека ова ќе биде “The Next Big Thing” со исто ако не и поголемо значење од изумот на самиот Интернет.

Биткоинот е децентрализиран систем и дигитална монетарна единица којашто не е под контрола на ниедна власт или централна банка и со тоа нема можност за нејзина манипулација или репресивна контрола. Биткоин трансакциите нудат можност за релативно зголемена приватност и тајност и ги елиминира посредниците и многукратно ги намалува трошоците на финансиските трансакции. Овие карактеристики се директно во судир со интересот на банките коишто сакаат да го задржат монополот и повластената положба во општеството и властите коишто се опседнати со тоа да имаат сè поголема контрола и увид во секој аспект  животите на луѓето. Мислам дека овој судир на концепти ќе биде од тектонски карактер каде ќе се откријат маските и вистинските намери на банкарскиот картел и властите и треба будно и информирано да се следи.

БИ: Дали ова претставува сериозна “закана” за традиционалното банкарство, коешто подразбира физичка присутност преку филијали и експозитури, односно дали рапидниот технолошки развој има потенцијал да го испрати во историјата засекогаш традиционалното банкарство и да го замени со целосно виртуелни банки?

Денес веќе постојат тн. виртуелни банки кои целата активност ја водат онлајн, но фундаментално, тоа сепак се банки кои подлежат на тековната регулатива, имаат потребна капитализација и традиционална корпоративна форма. Овде зборуваме за нешто револуционерно ново, каде секој човек си е своја банка и може да врши трансакции со било кој, во било кое време, во било кој дел на светот, без посредник (банка), без дозвола и со минимални или никакви трошоци.

Мислам дека предизвикот за традиционалните банки е еквивалентен како предизвикот кои локалните книжарници го имаа со појавата на Амазон, со голема веројатност за сличен исход. Тоа нема да се случи преку ноќ но ќе се случи побрзо од што мислиме.

БИ: Според вас, со каква брзина ќе се прифаќа дигитализацијата на банкарскиот сектор во регионот на Југоисточна Европа, земајќи го превид менталитетот на локалното население, кое сè уште покажува ниско ниво на доверба кон онлајн активностите?

За секоја новина да стане масовно прифатена треба време, посебно ако таа новина е истовремено и квантитативен скок од воспоставените начини на работа. Според мене, ниското ново на користење на онлајн услугите произлегува не толку од менталитетот или од немање доверба, туку директно поврзано со запознаеноста со новите технологии и релативно малата куповна моќ на населението што ги лимитира инвестициите во оваа област. Од друга страна, технологијата станува се поевтина и подостапна, па тој процес оди релативно брзо.

Истовремено, и според мене доста битен фактор за оваа забавеност е правниот систем којшто го гуши развојот и оптоварувачка и бескрајна регулатива, посебно во делот за финансиски услуги, законски утврдени камати и други не-пазарни регулативи, социјалистички закони за плати и работни односи, капитални контроли итн. што ги гушат иновативноста и претприемаштвото. Во отсуство на ограничувања, човечката креативност нема граници ако ја оставите слободно да создава.

Во Македонија има еден интересен феномен останат од стариот социјалистички систем којшто за жал гледам не исчезна ниту после скоро три децении и дека е врежан во размислувањата кај луѓето од сите генерации, кај сите политичари, а и кај младите. Тоа е принципот што јас го нарекувам “законот дозволува“, која е често користена фраза, но фундаментално отсликува еден менталитет дека сè е забрането освен ако со некој закон тоа експлицитно не е дозволено. Таа ментална позиција истовремено го зголемува култот спрема политичарите на кои им одговара да одлучуваат за нас и управуваат со нашите животи и државната бирократија од која ни треба дозвола за сè што сакаме да работиме.

Така, кога ќе пробате да отворите некаков бизнис со некоја нова или радикална идеја која не е примената на овие простори (посебно ако содржи финансиска услуга или плаќање), треба доста време да поминете додека бидете сигурни дека законите од сите инстанци (регулатива, инспекции, дозволи) ви дозволуваат да се бавите со тој бизнис. На секој чекор ќе ви го постават прашањето дали е тоа дозволено.

Еве како илустрација да го земеме примерот со платежната платформа PayPal за која бизнисите веќе неколку години прават обиди да профункционира во Македонија, но тоа заради некои несфатливи причини не е дозволено ниту пак функционира. Како втора илустрација, пробајте да ги имитирате почетоците на Uber и да отворите фирма во гаража во Скопје и да направите софтверска платформа која ќе ги поврзува сопствениците на возила во Скопје и ќе им овозможува да остварат некоја екстра заработка во слободно време од превоз на патници низ градот кои ќе плаќаат со кредитна картичка, AndroidPay или PayPal преку модули кои се поврзани со повеќето банки во Македонија. Обидете се да ги плаќате вработените со акции и опции за капитал во фирмата која не прави пари во почетната фаза, без придонеси за пензиско и здравствено осигурување (претпоставка е дека вработените се сложни со ова со оглед дека го прифатиле предизвикот). Како следен чекор, пробајте да најдете инвеститори преку некоја локален инвестициски брокер или банка на која ќе го презентирате вашиот бизнис план. Со среќа!

Ова е само една од многуте причини зошто тие што се по храбри и спремни на ова, а не можат да ги реализираат своите планови и амбиции во Македонија, заминуваат во странство. Од преостанатите,  поголемиот број млади луѓе преферираат да најдат “сигурна“ работа во државна администрација, голема фирма или банка. Така доаѓаме до сегашната ситуација.

БИ: За крај, дали планирате некогаш да се вратите во Македонија?

После сите овие години поминати во странство и менување локации, сфатив дека ништо не е перманентно и важи правилото “никогаш не вели никогаш“. Треба да имаме отворени погледи, флексибилност и оптимизам дека можностите за успех ги има секаде само ако се препознаат и искористат со труд и голема страст. Политиките во Македонија од осамостојувањето, па наваму беа такви што натераа многу млади и способни луѓе да заминат во странство, да се надеваме дека некои работи фундаментално ќе се сменат за да тој тренд се промени во обратна насока.

Се надевам дека вакви настани како самитот Македонија 2025 ќе продолжат да придонесуваат за презентација на нови идеи и искуства од светот и нивна примена во Македонија.