Функционални јавни финансии за одржлив економски раст

69

Градењето на добар и функционален систем на јавни финансии е основа за одржлив економски раст. Процесот на фискална децентрализација е дел од тој систем. Повеќе истражувања покажуваат позитивна корелација помеѓу степенот на фискална децентрализација и нивото на економски развој. Просечното ниво на фискална децентрализација во развиените земји е повисоко во однос на земјите во развој, пишува министерот за економија, Фатмир Бесими, во својата колумна.

Економскиот развој во повеќето земји во транзиција, исто така вообичаено е поврзан со раст на степенот на децентрализација. Но, секако оваа позитивна корелација е условена и со институционалниот т.е. фискалниот капацитет на локалната самоуправа, што во случајот на нашата земја може да биде и инверзен фактор во оваа позитивна корелација без зајакнување на капацитетите на локалната власт. Сепак, постојат и исклучоци, како и различни модели на фискална децентрализација, кои зависат и од нивоата на власт.

Доколку се разгледаат последните расположливи податоци на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за учеството на приходите на локално ниво (единиците на локалната самоуправа) во БДП, може да се забележи дека во Европа, Шведска има најголемо учество на локалните приходи во БДП со 16%, понатаму Финска и Данска со 14,79% и 14,12% учество, респективно, Исланд со 11,7% и Норвешка со 9%. Учеството на приходите на ЕЛС како процент од БДП во 2019 година во Република Северна Македонија изнесува 5,4% (според ревидираните податоци за БДП од страна на Државниот завод за статистика). За споредба со земјите од регионот, гледано според Извештајот на мрежата на асоцијации на локалната власт на земијте од Југоисточна Европа (каде што според прелиминарни податоци за РСМ изнесува 4,9%), фискалната децентрализација е пониска  во случајот на БиХ (4,5%), Албанија (3,6%), Турција (3,5%) и Словенија (4,7%), додека повисока во Хрватска (7,4%), Црна Гора (6,5%) и Косово (7,7%). Од друга страна учеството на приходите на ЕЛС во БДП на случајот на Западен Балкан изнесува 5,6% и истото е за 5 процентни поени пониско од просекот на ЕУ (10,6%).

Покрај јакнењето на фискалниот капацитет на општините, според Бесими, треба да се дејствува и во насока на квалитетот на работењето, особено во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста. Во изминатиот период се преземени повеќе активности во насока на објава на финансиски извештаи со цел зголемување на транспарентноста во поглед на работата на општините. Но, се разбира дека може да има унапредување со оглед дека транспарентноста го овозможува  врвниот степен на контрола во јавните финансии.

Фото: Pexels