Дивиденда за имателите на обични и приоритетни акции на Стопанска банка

47

stopanska-banka

Собранието на акционери на Стопанска банка донесе одлука за распределба на добивката за 2016 година.

“Стопанска банка во согласност со одлуката за усвојување на годишната сметка и финансиските извештаи за 2016 година оствари добивка во износ од 2.239.791.560 денари. Износот вклучува и 2.501.884 денари распределен за плаќање на дивиденда на имателите на приоритетни акции. Износот од 2.217.442.860 денари се распределува за исплата на дивиденда на имателите на обични акции. Износот од 22.348.700 денари се распределува во акумулирана добивка“, стои во одлуката што ја донесе собранието на акционери на 30-ти мај.

Бруто дивидендата по акција, според одлуката за утврдување на висината и начинот на исплата на дивиденда за обични акции, изнесува 127 денари. Датум на евиденција, според кој се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда, односно датум на пресек на акционерската книга е 15-ти јуни оваа година.

Последен ден на тргување со право на дивиденда е 12-ти јуни, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 13.06.2017 година.

Исплатата на дивиденда на имателите на обични акции ќе започне од 30.06.2017 година.

Собранието на акционери на Стопанска банка, исто така, донесе и одлука за начинот на пресметување и исплата на дивиденда за приоритетните акции.

Бруто износот по акција ќе изнесува 11 денари. Датум на евиденција според кој се определува листата на акционери кои имаат право на дивиденда, односно датум на пресек на акционерска книга е 15.06.2017 година.

Последен ден на тргување со право на дивиденда е 12.06.2017 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 13-и јуни.

Дивидендата, како што се наведува во одлуката, ќе се исплати во вид на еднократно плаќање најдоцна во рок од 30 дена од датумот на којшто собранието на акционери на банката ќе ја усвои одлуката за распределба на добивката.