Донесен Буџетот за 2016 година

20

По петдневна расправа, Собранието на Република Македонија малку пред полноќ го донесе Буџетот за 2016 година, со 66 гласови “за”, 28 “против” и без воздржaни, а по скратена постапка беше донесен и Законот за извршување на буџетот за 2016 година, јавува Миа.

Вкупните расходи во Буџетот за следната година се проектирани на 195,7 милијарди денари и се за 4,7% повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари, каде има зголемување за 6% во однос на 2015 година.

Основни карактеристики на Буџетот за 2016 година според предлагачот се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6% оваа година на 3,2% следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестиции, со цел да се поттикне развојната компонента на Буџетот.

Инвестициите во капитални проекти се на ниво од 37,5 милијарди денари и се за 2,8 милијарди денари повеќе отколку во 2015 година, со раст од 12,9%.

Повеќе средства се планирани и за интензивирање на проектот на Коридорот 10, кој треба да биде готов до крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, за железничката инфраструктура 2.203 милиони денари, потоа повеќе средства за водоводни и канализациски системи, кои заедно со кредитните средства од ЕИБ и банката КФВ изнесуваат 3.047 милиони денари.

За проектот за гасификација се планирани 428 милиони денари, 304 милиони денари за социјални станови, 197 милиони денари за медицинска опрема, потоа средства за реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и Клиничкиот центар во Скопје, средства за културни и спортски објекти, основни и средни училишта и студентски домови, универзитети, технолошко – индустриски објекти и слично. За здравството се наменети 1,6 милијарди денари, во образованието 2,5 милијарди денари, за животната средина 390 милиони денари…

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5% и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2% и да изнесуваат 49.187 милиони денари.

Растот на економијата се очекува да биде 4% од бруто домашниот производ (БДП), а инфлацијата 2%.

Со предвидените средства за финансирање на Буџетот, Македонија ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно Буџетот ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија.