Донесена одлуката за намалување на ДДВ за бебешките производи, училишен прибор…

22

Владата донесе одлука за намалување на стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите на сточна или добиточна храна и  жив добиток.

Со оваа одлука данокот на овие производи се намалува од 18% на 5%.

“Новото законско решение се очекува да стапи на сила по формирање на новиот парламентарен состав и по изгласувањето на одлуката во Собранието што очекуваме да се случи кон крајот на мај или во текот на јуни. Фискалните импликации што ќе ги предизвика законското решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво или половина за годинава, бидејќи остануваат уште шест месеци до крајот“, рече премиерот Никола Груевски.

Намалувањето на ДДВ за овие производи ќе предизвика намалување на данокот што го плаќаат продавачите поради што очекува тоа да влијае на намалување на цените за крајните потрошувачи.

“Со измените дополнително ќе се влијае врз цените на добиточната храна, како и врз цената на живиот добиток со што ќе се придонесе за стимулирање на земјоделското производство на месо и млечни производи, како и за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство преку намалените цени“, рече тој.

На директен или индиректен начин, како што рече тој, ќе се намали цената на чинење на производот и ќе се подобри конкурентноста на фирмите што ги произведуваат.

“На тој начин ќе им се помогне директно на македонските компании кои произведуваат вакви производи, но и на потрошувачите затоа што ќе се овозможи  поевтина цена до крајниот потрошувач“, додаде Груевски.