Како Комерцијална банка ќе ја употреби нераспределената добивка?

88

Комерцијална банка донесе предлог одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка до 31.12.2020 година.

Согласно оваа предлог одлука, несрапределената добивка се распределува на: дивиденда за обични акции (1.367.440.200 денари), резерви (294.526.091 денари), задржана добивка за инвестициски вложувања – реинвестирана добивка што банката ќе ја користи во 2021 година (250.000.000 денари).

“Добивката што се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања (реинвестирана добивка) служи за развојни цели на Банката, односно за вложувања во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста, а со тоа и за остварување на правото за намалување на даночната основа на данок на добивка. Добивката што се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања се вклучува во пресметката на редовниот основен капитал на Банката и го зголемува истиот, при што истата не е расположлива за исплата на дивиденда на акционерите во иднина (ќе биде ограничена за распределба на акционерите)“, стои во предлог одлуката.

Банката, исто така, донесе предлог одлука за определување на износот на дивиденда и датуми на исплата на дивиденда за 2020 година. Согласно оваа предлог одлука, за една обична акција бруто износот е 600 денари, односно 60% во однос на номиналната вредност од 1.000 денари.

Собранието на акционери на Комерцијална банка ќе се одржи на 29-ти март оваа година, а датумот на евиденција според којшто ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда за 2020 година е 14-ти мај. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2020 година ќе биде 12-ти мај, додека прв ден на тргување без право на дивиденда е 13-ти мај. Исплатата на дивиденда за 2020 година ќе започне на 25-ти мај.

Фото: Pexels