Комерцијална банка со добивка од 743,3 милиони денари за шест месеци

40

Комерцијална банка, во период од први јануари до 30-ти јуни оваа година, прикажа добивка од 743.308.000 денари, покажува единечниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од минатата година, добивката на банката беше 675.106.000 денари.

“Во периодот од 01.01 до 30.06.2020 година, банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 743,3 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 675,1 милиони денари, што претставува зголемување за 10,1%“, стои во Коментарот на неконсолидираниот биланс на успех.

Нето приходите од камата, како што се наведува во Коментарот, бележат зголемување од 3,2% во однос на истиот период од минатата година како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,9%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2020 година во однос на истиот период од минатата година, како што стои во Коментарот, бележат намалување од 11,5%. Ова намалување се остварува под влијание на неколку фактори: намалена економска активност на клиентите во услови на криза, укинати надоместоци за електронско и мобилно банкарство како една од мерките за олеснување на негативните ефекти за клиентите во текот на вонредната состојба и зголемени провизии кои Банката ги плаќа кон надворешни добавувачи на услуги. Планот за анализираниот период е остварен со 85,8%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2020 година изнесуваат 80,7 милиони денари и бележат зголемување од 38,5%. Планот за анализираниот период е остварен со 136,8%.

Фото: Freepik