Македонска берза за четврт век стана значаен чинител во финансискиот систем

40

Изминатите 25 години се доволно долга временска отсечка за да може прецизно да се идентификуваат повеќе развојни фази на нашата берза. На почетокот, во деведесеттите години, амбициозно, но наивно, се сметаше дека градењето на новиот економски систем базиран на пазарни принципи автоматски ќе доведе до создавање на ефикасен и функционален пазар на хартии од вредност во македонската економија. Затоа и се формираше берзата, пишува во својата колумна за Дојче Веле, Иван Штериев, генерален директор на Македонска берза.

Следуваше брзо соочување со реалниот транзициски амбиент – приватизација и консолидација на иницијално креираните сопственички структури преку берзата, дооформување и модернизација на правната, институционалната и на техничката инфраструктура на пазарот, по што дојде големиот берзански бум од 2005-2007 година, на бранот на глобалната и регионална супер ликвидност и оптимизам без преседан. Светската финансиска криза од 2008 година за локалниот пазар на капитал резултираше во долга изгубена деценија на хибернација, за во последните три-четири години повторно да станеме сведоци на поинтензивна пазарна динамика којашто, наспроти актуелната пандемијата, изминатава година дополнително се забрза.

Објективно гледано, четврт век потоа може да констатираме дека Македонска берза стана значаен чинител  и интегрален дел во нашиот финансиски систем. Своите функции ги обавува на високо ниво, почнувајќи од основната за која што е и формирана – организираното спојување на понудата и на побарувачката за хартии од вредност во македонската економија и пазарно формирање на цените на финансиските инструменти. Во изминатите две и пол децении на Берзата се склучени околу 580 илјади трансакции со повеќе од 640 акции и над 30 обврзници, при што вкупната вредност на целокупниот досегашен промет изнесува над 3,9 милијарди евра.

Понатаму, Берзата континуирано обезбедува и дистрибуира во јавноста информации за тргувањето со хартии од вредност и работењето на котираните компании, се грижи за подобрување на културата на транспарентно работење на издавачите и квалитетот на нивното корпоративно управување, нуди алтернативни можности за инвестирање во економијата, придонесува за зголемување на финансиска писменост во општеството итн. Најголем предизвик што сеуште тешко се надминува е тоа што Берзата не е практично искористена и од корпоративниот и од јавниот сектор како пазарен механизам за нивно финансирање, но тоа е општа аномалија на економиите и на финансиските системи на сите пост-транзициски економии во регионот и пошироко. Немањето посериозни оперативни и суштински проблеми на пазарот, перманентното квантитативно и квалитативно зголемување на обемот и на нивото на услуги за брокерите, издавачите и инвеститорите, високиот рејтинг на Македонска берза во поширокиот регион (и покрај нејзината објективно мала големина) и иницирање и учество во многу меѓународни проекти, доволно кажува за нејзината досегашна перформанса.

Што се однесува до иднината, стратегијата на Македонската берза е јасно формулирана – одржување и зголемување на ефикасноста на организираниот пазар на хартии од вредност во Македонија, постојано ширење на лепезата на производи и услуги, што поголема интеграција со други сродни институции во земјата и други регионални пазари поради поголеми синергии и воведување на модерни технологии во работењето и максимално можна дигитализација.

Фото: Facebook