Македонска делегација на Глобалниот социјален бизнис самит во Германија

211

На осми и деветти ноември се одржа деветтиот по ред Глобален социјален бизнис самит (GSBS) 2018 во германскиот град Волфсбург, под покровителство на Volkswagen, на којшто присуствуваше и делегација од Македонија.

Самитот беше организиран од страна на Grameen Creative Lab, а се зборуваше на тема Создавање на нова цивилизација. Главен говорник и иницијатор беше добитникот на Нобеловата награда за Мир, професор Мухамед Јунус од Бангладеш, во светот познат по својата Грамин банка, или Банкарот на сиромашните.

На овој глобален настан учествуваше македонска делегација со свои претставници од бизнис секторот, социјалниот бизнис, невладиниот сектор, како и од академскиот свет. Беа остварени бројни средби и преземени иницијални чекори за проширување на оваа светска фамилија на социјалниот бизнис и социјалното претприемништво и во Македонија.

Професор Стојан Дебарлиев, Климентина Илијевска од Паблик и Лице в Лице и Билјана Нечкова- претприемач

Социјалниот бизнис со своите седум принципи во водењето на компаниите, се клучниот фактор во креирање на оваа нова цивилизација и тоа на претприемачки начин. Професорот Јунус го сподели својот сон за создавање на заеднички свет кој не е воден од лакомоста по профит, туку воден од човечките вредности, споделување и взаемна грижа. Тој ја потенцираше важноста на креативните капацитети на човекот и дека секој човек е роден да биде претприемач.

Взаемното посветено работење во ширењето на идеите за социјалниот бизнис, се од примарно значење и за придонесот во имплементацијата на Целите на одржлив развој на ОН.

Главните теми на GSBS 2018 беа загадувањето, пластичната и циркуларната економија, мобилноста, солидарноста, спортот и социјалниот бизнис, храната и нејзината вредност.

Јован Маџовски од ЦЕЕД Македонија и Мухамед Јунус

Олимпијадата во Париз 2024 година во својот организациски зачеток, на својата агенда го става и социјалниот бизнис, со порака за создавање порамноправен свет.

Volkswagen како главен покровител на настанот, јавно го изрази својот нов правец  – станува “Б корпорација“, односно ќе работи не само за профит, туку пошироко за заедницата решавајќи ги проблемите од типот на вработување, животна околина  мобилност и слично.

Професорот Мухамед Јунус ја промовираше и својата нова книга Светот на трите нули,  водич за создавање на Новата Економија, со нула сиромаштија, нула невработеност и нула карбонска емисија. Овие три нули се всушност три од седумнаесетте Цели за одржлив развој 2030.