Намалена ликвидноста на банките во април

15

nbrm-2

Во април, непосредно по неколку месечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, којашто е карактеристична пред велигденските и првомајските празници, беше истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

На девизниот пазар беа реализирани вообичаени сезонски движења проследени со релативно пониска побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, којашто беше делумно надоместена со зголемената понуда на девизи од менувачниците.

Повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно беше резултат на сезонски ефект во текот на велигденските празници. Ваквите движења на девизниот пазар овозможија подобрување на девизната ликвидност на банките и интервенција на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи. Во втората половина од месецот дојде до засилување на побарувачката на девизи од клиентите на банките, што следствено се одрази и врз растот на побарувачката на девизи и на меѓубанкарскиот пазар.

Во текот на месецот, заради ефикасно управување со ликвидноста, банките активно тргуваа  на пазарите на пари, а вишокот на средства на нивните сметки го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка.