Намалени изгледи за економски раст во земјите во развој од Европа и Централна Азија

84

Економската активност во регионот на Европа и Централна Азија оваа година веројатно ќе остане пониска под влијание на последиците од рускиот напад врз Украина, постојано високата инфлација и порестриктивните услови за финансирање, се вели во објавеното издание на Економскиот извештај на Светска банка за овoj. регион.

Се очекува дека економскиот раст на регионот во 2023 година ќе биде просечно 1,4 отсто, а во 2024 и 2025 година ќе биде 2,7 отсто, со олеснување на инфлацијата, закрепнување на домашната побарувачка и подобрување на надворешното опкружување.

Поради наглиот раст на потрошувачките цени, особено храната и енергијата, просечната годишна стапка на инфлација достигна 15,9 отсто на крајот на 2022 година на пазарите во развој и земјите во развој од Европа и Централна Азија, што е највисоко ниво во изминатите 20 години, како и највисоката стапка забележана меѓу сите региони во развој.

Инфлацијата во земјите од Европа и Централна Азија беше во просек помалку од четири проценти пред да почне да расте во 2021 година.

„Растот во 2023 година може да биде послаб доколку дојде до дополнителна ескалација на војната предизвикана од рускиот напад врз Украина, продолжување на порастот на цените на храната и енергијата или забрзано зголемување на каматните стапки во светот или во регионот, како и ако правецот на приливот на капитал во овој регион наеднаш се промени. Неодамнешните настани во банкарскиот сектор на одредени развиени економии можат да влијаат и на растот“, посочуваат од Светска банка.

Според проекциите, економијата на Украина ќе порасне за 0,5 отсто оваа година по падот од 29,2 отсто во 2022 година, кога Русија ја нападна земјата.

Светска банка проценува дека трошоците за обнова и закрепнување на Украина сега достигнале 411 милијарди долари, што е повеќе од двојно повеќе од вкупната вредност на украинската економија во 2021 година, пред избувнувањето на војната.

Два разорни земјотреси беа регистрирани во Турција на 6 февруари 2023 година, кои, според проценките на Светска банка, предизвикаа непосредна штета од околу 34,2 милијарди долари, или четири отсто од БДП на земјата во 2021 година.

Вистинските трошоци неопходни за задоволување на сите потреби за обновување и реконструкција би можеле да бидат двојно повеќе од износот на самата непосредна штета. Кога во прогнозата ќе се вклучи влијанието на неодамнешните земјотреси, се предвидува стапка на раст од 3,2 проценти за 2023 година, која ќе се зголеми во просек од 4,2 проценти во 2024 до 2025 година како резултат на владината поддршка на домаќинствата и инвестициите поврзани со реконструкција.

„Инфлацијата ја намалува реалната вредност на доходот на поединците – а високата инфлација има далеку поголемо влијание врз најсиромашните отколку врз најбогатите сегменти од населението“, изјави главниот економист на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, Ивајло Изворски.

Тој предложи, со цел подобра заштита на ранливите групи и поттикнување на растот, при изготвувањето јавни политики да се земат предвид различните ефекти на инфлацијата врз населението со различни приходи и да се користат попрецизни индикатори за мерење на реалните трошоци што ги трпат најсиромашните поради високите цени.