Народна банка очекува натамошен раст на девизните резерви

30
Closeup of working table workplace office

Со најновите проекции на Народната банка (НБ), во претстојниот период се очекува и натамошен раст на девизните резерви. И во проекциите на сите релевантни меѓународни институции, како што се наведува, се посочува дека нивото на девизните резерви на нашата земја е и ќе остане адекватно и дека на ниту еден начин нема да биде загрозена стабилноста на денарот, велат од Народната банка.

Неодамна, во текот на мај, двете најугледни светски агенции за кредитен рејтинг – Standard and Poor’s и Fitch, во основа задржувајќи го досегашниот кредитен рејтинг на земјата, истовремено потврдија и дека нема опасности за стабилноста на девизниот курс на нашата домашна валута.

“Девизните резерви, кои се клучната гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута, во изминатиот период достигнаа историски највисоко ниво. Од почетокот на овој месец, тие остварија раст од 603,8 милиони евра. Високото ниво на девизните резерви од над 3 милијарди евра, не само што е соодветно за одржување на стабилен курс на денарот, туку како што веќе и имаме посочено, тоа е двојно повисоко во однос на 2008 година, кога како централна банка успешно одговоривме на предизвиците од тогашната глобална економска и финансиска криза“, велат од Народна банка.

Согласно последните податоци на Народна банка, на крајот на мај оваа година, вкупните девизни резерви достигнаа ниво до 3.079.080.000 евра.

Фото: Freepik