НБРМ: Мал раст на ликвидноста на банките во третиот квартал

22

Ликвидноста на банките во третиот квартал бележи мал раст, покажуваат најновите макроекономски показатели на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

“Анализирано преку индивидуалните фактори, девизните трансакции на НБРМ со банките поддржувачи (остварен нето откуп на девизи) придонесоа за зголемување на ликвидноста, додека повисокото ниво на денарски депозити на државата, растот на готовите пари во оптек и поголемиот износ на пласирани ликвидни средства во монетарни инструменти (во најголем дел во краткорочни депозити кај НБРМ) предизвикаа намалување на ликвидноста на банките.

По зголемувањето во јули, вкупните депозити во август и натаму растат, но позасилено. Посилниот месечен раст на вкупната депозитна основа на банките укажува на натамошно стабилизирање на очекувањата и однесувањето на економските субјекти. Растот на вкупните депозити во август главно произлегува од повисокото ниво на депозити на корпоративниот сектор, при што придонес во растот имаат и депозитите на домаќинствата.

Годишната стапка на раст на вкупните депозити во август изнесува 4,4% и е под проектираниот раст од 7,4% за третиот квартал на 2016 година.

Вкупните депозити на домаќинствата во август забележаа раст во споредба со претходниот месец. Зголемување на депозитите на домаќинствата првенствено произлегува од растот на девизните депозити, при незначително намалување на денарските депозити.