НБРМ: Се очекува зголемување на побарувачката на кредити

17

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) очекува понатамошно зголемување на склоноста кон задолжување, односно раст на побарувачката на кредити.

“Најновите проекции за 2015 година и 2016 година се променети во надолна насока, од 4,1% и 4,5% на 3,2% и 3,5%, соодветно. Во 2017 година, последните проекции упатуваат на стапка на раст од околу 4%. Кредитната понуда на домашните банки, во рамки на основното макроекономско сценарио, и натаму ќе биде битен фактор на поддршка на потрошувачките и инвестициските одлуки на приватниот сектор. Се очекува и понатамошно зголемување на склоноста кон задолжување, односно раст на побарувачката на кредити.  Последните проекции покажуваат годишен кредитен раст од 7,7% во 2015 година, слично темпо на растот во 2016 година и кредитен раст од околу 8% во 2017 година“, се вели во соопштението на НБРМ.

Најновите проекции за 2015 година упатуваат и на амбиент во којшто ќе отсуствуваат инфлациски притисоци. Се очекува дека инфлацијата ќе се задржи на слично ниво како и во 2014 година, или во просек ќе биде околу нулата. Во 2016 година, постепеното отворање на позитивен производствен јаз, во услови на постојан раст на домашната економија, како и очекуваниот раст на цените на храната и нафтата во втората половина на годината, ќе придонесат за зголемување на инфлацијата на околу 1,5% во 2016 година и 1,6% во 2017 година.

Гледано преку одделните макроекономски показатели, во текот на третиот квартал промените во вкупната домашна инфлација повторно беа под најголемо влијание на падот на светските цени на нафтата, со што и домашните цени се намалија на годишна основа и беа пониски од очекуваните. Од друга страна, прехранбената компонента и базичната инфлација и натаму умерено растеа.

Во реалниот сектор, активноста и натаму солидно растеше, во согласност со априлските очекувања. Најновите краткорочни показатели навестуваат раст во сите клучни сектори на економијата, со динамика слична на онаа од првата половина од годината, но значително побавно од очекувањата во априлските проекции. Солидната ликвидносна и капитална позиција на банкарскиот сектор придонесе за зголемување на понудата на кредитниот пазар, што заедно со растот на побарувачката придонесе за натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор.

Девизните резерви забележаа пад на квартална основа во третото тримесечје, најмногу заради редовното отплаќање на надворешните обврски на државата. На девизниот пазар, Народната банка по интервенциите со продажба во јули, во текот на август вршеше откуп на девизи, со што кумулативните интервенции во периодот јули – август имаа речиси неутрален ефект. Оттогаш девизниот пазар е стабилен, без потреба од интервенции преку девизните резерви. Сите показатели за адекватноста на резервите и натаму укажуваат на нивно соодветно ниво, со доволно простор за справување со евентуалните шокови.

Советот на Народната банка ја разгледа и ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица. Главната цел на измените и дополнувањата е примена на препораката содржана во Базелскиот документ за супервизорската рамка за мерење и контрола на големите изложености, според која банката не мора да утврдува единствен ризик доколку изложеноста на банката кон лицето е помала од 5% од нејзините сопствени средства. Имајќи предвид дека за домашна деловна банка таа кредитна изложеност од 5% може да биде значајна за нивото на кредитниот ризик, се пропиша дека не мора да се утврдува единствен ризик доколку изложеноста на банката кон лицето е помала од 2% од нејзините сопствени средства.