НБРМ: Умерен раст на ликвидноста на домашните банки

13

Ликвидноста на домашните банки под влијание на автономните фактори во јуни забележа умерен раст, наспроти претходните три месеци кога автономните фактори влијаеја врз намалување на ликвидните средства во банкарскиот систем, беше меѓудругото истакнато на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка на Македонија.

Во вакви околности, како што се наведува, банките го зголемија износот на пласирани краткорочни вишоци во депозити кај Народната банка. На пазарите на пари, продолжи нагорниот тренд кај обемот на трговска активност, како на пазарот на меѓубанкарски депозити, така и на секундарниот пазар на хартии од вредност, при што реализираните каматни стапки се задржаа на релативно стабилно ниво.

Движењата на девизниот пазар во јуни беа под влијание на вообичаените сезонски движења, карактеризирани со повисока побарувачка на девизи од страна на приватниот сектор, за исплата на дивиденди кон странските инвеститори.

Притоа, повисоката потреба за девизи покрај од сопствените средства на банките беше надоместена и од Народната банка, којашто интервенираше со продажба на девизи на банките-поддржувачи. Сепак, остварувањата на девизниот пазар во првата половина од годината се подобри на годишна основа, главно како резултат на подобрите остварувања на девизниот пазар на банките со фирмите, во услови на повисока понуда на девизи врз основа на извоз на новите капацитети од слободните економски зони, девизни приливи поврзани со реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти и намалена побарувачка за девизи при пониска цена на нафтата и понизок увоз на електрична енергија.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јуни покажуваат натамошен солиден раст на вкупните кредити на приватниот сектор, со што се задржува континуитетот на поволни поместувања на овој сегмент. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во јуни изнесува 9,1% и е над проекцијата за вториот квартал од 8,8%. Во однос на депозитниот потенцијал, првичните  податоци со јуни покажуваат раст на вкупните депозити на месечна основа, којшто во целост е воден од растот на депозитите на корпоративниот сектор. Депозитите кај домаќинствата втор месец по ред бележат намалување на месечна основа (иако во јуни тоа е во помал обем споредено со мај), како последица на зголемената неизвесност која потекнува од домашните политички случувања, како и ескалацијата на случувањата поврзани со должничката криза во Грција (особено изразени во текот на јуни).

Општо земено, иако во периодот од последните априлски проекции, ризиците од домашна и од надворешна природа се зголемија, последните макроекономски показатели и оцени засега не упатуваат на позначајни промени во амбиентот на спроведување на монетарната политика. Фундаментите на економијата и натаму се солидни. Показателите за адекватност на девизните резерви и натаму остануваат во сигурна зона. Економскиот раст е солиден и нема ценовни притисоци.

Движењата на кредитниот пазар веќе подолг период се генерално поволни, сугерирајќи на релативно ефикасна трансмисија на досега донесените монетарни мерки врз кредитната активност и постабилни очекувања на домашните банки. Сепак, одредени показатели укажуваат на можни првични ефекти од неекономските фактори, чиешто влијание главно се материјализира преку каналот на очекувањата.

Податоците за пазарот на депозити покажуваат на извесна воздржаност на населението во поглед на штедењето во банкарскиот сектор особено во домашна валута, што покрај сезонските фактори (вообичаената исплата на дивиденди во овој период) е уште еден фактор што придонесува за падот на девизните резерви во овој период. Сепак, овие промени се случуваат во релативно краток период, при што неповолните поместувања засега се многу ограничени.

Согласно со објавените податоци за БДП растот на економската активност во првиот квартал на 2015 година е во рамките на очекуваниот, а индикативните високофреквентни податоци за вториот квартал упатуваат на продолжување на растот на домашната економија. Исклучок е индустриското производство коешто во периодот април-мај во просек бележи пад од 3% на годишна основа. Последните инфлациски остварувања од јуни покажуваат задржување на позитивна годишна стапка на промена, трет месец последователно и со тоа намалување на ризиците од продолжено намалување на цените.

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци. Остварувањата во надворешниот сектор и натаму обезбедуваат одржување на девизните резерви на соодветно ниво, доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина.