Нов подобар систем за вработување на лица со инвалидност

26

invalid-vo-kolicka-na-ulicaМинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денес ги презентираше новини предвидени во новиот Предлог Закон за вработување на лица со инвалидност.

Според нив работодавачите од јавниот и приватниот сектор кои имаат над 35 вработени мора да вработат едно лице со инвалидност, а работодавачите со повеќе од илјада вработени ќе мора да вработат 20 луѓе со инвалидност.

На правното лице ќе му се доделат средства за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, најмногу до 200.000 денари, а доколку фирмите и покрај обврската не вработат лице со инвалидност, ќе плаќаат паричен надоместок. Изборот на лицето кое ќе се вработи ќе го врши самата компанија, преку јавен оглас, а доколку во рок од три месеци не успее да најде лице со инвалидност, вработувањето ќе го изврши преку посредување на службата надлежна за посредување при вработување од евиденцијата на невработените лица.

Новина во овој Закон е обезбедување на средства на инвалидно лице кога самостојно врши дејност како трговец поединец со што може да му се доделат средства од Посебниот фонд за негово вработување на неопределено време најмногу до 300.000 денари.

Се предлага заштитните друштва да се основаат и работат под истите услови како и досега, односно како трговски претпријатија. Новост во овој дел е тоа што статусот на заштитно друштво ќе го утврдува Агенцијата за вработување, а не како досега Заедницата на заштитни трговски друштва. Агенцијата ќе врши и контрола дали заштитното друштво ги исполнува законските услови во однос на бројот на вработени и вработени на лица со инвалидност. На правно лице кое е заштитно друштво, ќе му се доделат средства од Посебниот фонд за адаптација на работно место на кое ќе работи инвалидното лице, најмногу до 300.000 денари.

Истовремено, средствата за придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за вработување за лицата со инвалидност кои се вработени во сите претпријатија или заштитни друштва ќе се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а исто така работодавачите се ослободени од плаќање на персонален данок на доход. Заштитните друштва покрај овие поволности се ослобедени и од плаќање на данок на добивка.

Со предложените решенија во новиот Закон направена е проценка дека 2.059 работодавачи имаат над 35 вработени и со примена на квотниот систем би се вработиле над 5.000 лица. Само во јавниот сектор со примена на квотниот систем ќе се вработат околу 1.700 лица.

Новите предлог измени се предлага да се применуваат од 1-ви октомври  2016 година.