Олеснети кредитните услови на банките за компаниите во последниот квартал од 2016

13

Во четвртото тримесечје на 2016 година се забележува нето олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, но значително посилно во споредба со претходната анкета, покажуваат податоците од Анкетата за кредитна активност на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Една третина од банките, како што се наведува, укажуваат на олеснети кредитни услови во последниот квартал од годината, наспроти оцените за главно непроменети кредитни услови во третиот квартал.

Оствареното олеснување на нето основа е посилно во споредба со просечното нето олеснување за првите три квартали на годината, но и во однос на очекувањата на банките дадени во рамки на претходната анкета.

За наредните три месеци, банките упатуваат на понатамошно нето олеснување на кредитните услови на сите типови корпоративни кредити.

Конкуренцијата од другите банки и ликвидносната позиција имаат најголем индивидуален придонес за олеснување на вкупните кредитни услови.

Побарувачката на корпоративни кредити во последното тримесечје на 2016 година бележи натамошно зголемување на нето основа, но двојно послабо во споредба со претходната анкета. Ваквото поместување произлегува од двојно поголемиот број на банки што укажуваат на непроменета побарувачка за сите корпоративни кредити, за сметка на намалениот број банки коишто ја оценуваат побарувачката како делумно зголемена.

Во поглед на факторите што ја условуваат побарувачката на корпоративните кредити, индивидуалните фактори поврзани со потребите за финансирање (преструктуирање на долгот, инвестиции во залихи и обртен капитал и инвестициите во основни средства) и натаму придонесуваат за зголемување на побарувачката на нето основа, но значително послабо во споредба со претходната анкета.