Означен почетокот на Глобалната недела на парите во 2015 година

11

На 9.2.2015 година, Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија, во кое членуваат претставници на Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, официјално го означи почетокот на Глобалната недела на парите во 2015 година.

Настанот беше организиран во просториите на СЕПУГС Васил Антевски-Дрен во Скопје, во соработка со директорот на училиштето, професорите и учениците од трета и четврта година. Одбележувањето на официјалниот почеток на Глобалната недела на парите се одвиваше преку запознавање на учениците со работата на Координациското тело и активностите во полето на финансиската едукација кај секоја од институциите.

Беше организиран квиз во кој учениците беа поделени во три тимови. Учениците имаа задача да ги именуваат тимовите со финансиски имиња или поими коишто ќе го карактеризираат тимот и да одговараат на зададени прашања од областа на работењето на петте институции. Секој од тимовите се состоеше од шестмина ученици, а тимовите беа именувани: Трезор, Брокери и Супервизори. Прашањето ги одговараше тимот кој најбрзо ќе се пријавеше. Победниците, тимот Трезор, добија симболични награди во вид на репрезентативен материјал што на својствен начин ја одбележува Глобалната недела на парите.

Глобалната недела на парите се одржува на светско ниво од 2012 година, во чиишто рамки се одржуваат преку 2.000 активности во кои се вклучени над три милиони деца и млади во повеќе од 120 земји и каде што работат 500 организации и институции. Оваа глобална иницијатива ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година младите луѓе дискутираат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните институции.

Целта на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини. Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е Штеди денес – заштеди утре, со намера младите луѓе да научат да штедат за својата иднина.

Народната банка, заедно со останатите институции чиишто претставници го сочинуваат Координациското тело за време на оваа недела, а заклучно со крајот на март, ќе одржи предавања во основните и во средните училишта низ Македонија, преку кои учениците ќе се запознаат поблиску со парите, нивното значење, размената, историјата, изработката, потоа штедењето, инфлацијата, монетарната политика и сл.