Подобра функционалност на граничните премини

32

Царинската управа е во постојана соработка и координација со Министерството за транспорт и врски, особено за реализација на сите градежни работи (градба, реконструкција) кои се изведуваат на граничните премини – за кои Царината има законски ингеренции. Од особена важност при унапредувањето на граничните премини се пристапните патишта кои се услов за непречен проток на стока и патници, а се во надлежност на Министерство за транспорт и врски.

На денешната работна средба која ја имаа директорот на Царинската управа Сугарески, Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и државниот секретар  Митко Трајчулески се разговараше за тековните активности кои се однесуваат на градежни проекти на ЦУ за изградба или реконструкција на граничните премини и градежни интервенции.

“Реализацијата на предвидените активности за осовременување на граничните премини ќе придонесат кон поголема функционалност, забрзан проток на сообраќајот и зголемен квалитет на услугите за вработените и патниците, како корисници на граничните премини”,  истакна Сугарески.

Се разговараше и за Реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир и Набавка на нов национален едношалтерски систем – NSW, кои се дел од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот за Западен Балкан, финансиран со заем од Светска Банка, а се реализира преку Проектната единица во рамките на Министерството за транспорт и врски.

Oтпочнато e активно да се работи на реализација на проектите, a динамиката при изведување на истите е задржана согласно предвидувањата. Царинската управа ќе продолжи интензивно да  соработува со сите владини и државни институции кои се надлежни за протокот на стоки, добра и патници со цел олеснување на царинските процедури.