Пораст на извозот во првата половина од годината

11

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – мај 2018 година, изнесува 139.407.642 илјади денари и бележи пораст од 14,1 % во однос на истиот период од лани, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци од ДЗС, вредноста на увезената стока за истиот период изнесува 186.324.692 илјади денари, што е за 9,4 % повеќе во споредба со истиот период од 2017 година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – мај 2018 година, изнесува 46.917.050 илјади денари, а покриеноста на увозот со извоз 74,8 %.

Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, итн. Додека, пак, најмногу се увезувало платина и легури на платина (необработени или во прав), нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатовалани производи од железо или нелегиран челик, и други метали од платинската група и нивни легури.

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија во периодот јануари-мај 2018 година, најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.