Продажбата на мало во ЕУ во пад во однос на минатата година

55

Во јули годинава, во однос на јуни, обемот на трговијата на мало е зголемен за 0,3 отсто и во еврозоната и во Европската унија, покажуваат проценките на Заводот за статистика на ЕУ (Евростат). Имено, во јуни обемот на продажбата на мало е намален за еден процент во однос на претходниот месец, како во еврозоната, така и во ЕУ.

Во извештајот се наведува дека во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, индексот на продажбата на мало е намален за 0,9 отсто во еврозоната и 0,5 отсто во ЕУ.

Се додава дека во еврозоната во јули годинава, во однос на јуни, обемот на трговијата на мало е зголемен за горива за автомобили за 0,4 отсто и за храна, пијалаци и тутун за 0,1 отсто, а кај непрехранбените 0,4 отсто производи.

Од друга страна, кога станува збор за ЕУ, обемот на малопродажбата е зголемен за 0,3 отсто кај автомобилските горива, додека кај непрехранбените производи е намален за 0,2 отсто и кај храната, пијалаците и тутунот за 0,1 отсто.

Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, најголем месечен пораст на вкупниот обем на трговија на мало е забележан во Германија (+1,9 отсто), Холандија (+1,7 отсто), Луксембург и Полска (и двете + 1,5 отсто).  Најголем пад е забележан во Австрија (-1,8 отсто), Финска (-1,7 отсто) и Шпанија (пад од еден отсто).

Годишната споредба на податоците на Евростат по малопродажниот сектор и по земји-членки покажува дека во еврозоната во јули оваа година, во споредба со јули 2021 година, обемот на трговијата на мало е намален за 2,4 отсто за храна, пијалаци и тутун и за 0,9 отсто за не прехранбени производи, додека кај автомобилските горива е зголемен за 0,6 отсто.

Се додава дека во ЕУ обемот на трговијата на мало е намален за храна, пијалаци и тутун и за 0,7 отсто за непрехранбени производи, а зголемен е за 1,3 отсто за автомобилски горива.

Најголем годишен пад на вкупниот обем на трговија на мало, меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци, се забележани во Данска (-7,7 отсто), Луксембург (-6,3 отсто) и Ирска (-5,6 отсто). Најголем пораст е забележан во Словенија (+25 отсто), Малта (девет отсто раст) и Полска (+7,6 отсто).