Прометот на Македонска берза намален за над 49% во февруари

24

berza dzvonce

Прометот на Македонска берза во текот на февруари достигна 124.503.172 денари, што е намалување од 49,15% во однос на претходниот месец, покажува месечниот статистички билтен.

Пазарната капитализација на Македонска берза во февруари се позиционираше на 101.759.877.510 денари, што е пад од 0,56% во споредба со јануари. Пораст од 4,35% има кај вкупниот број на трансакции (911), додека индексот МБИ 10 беше 1.807,54 поени, односно 1,45% помалку во однос на јануари.

Три најтргувани акции во февруари беа оние на Комерцијална банка, Алкалоид и Охридска банка. Хартиите од вредност на Комерцијална банка со вкупно 147 трансакции учествуваат со 32,14% во вкупниот промет. По нив следат акциите на Алкалоид со 127 трансакции или 15,35% учество во вкупниот промет, додека зад нив се хартиите од вредност на Охридска банка со 53 трансакции или 8,28% од вкупниот промет на Македонска берза во февруари.

Акции со најголем пораст на официјалниот пазар во февруари се оние на Карпош Скопје со скок од 369,13%, достигнувајќи просечна цена од 699 денари на 29.02.2016 година. Зад нив се акциите на Факом со пораст од 45,45% и остварување просечна цена од 8.000 денари, додека трети хартии од вредност со најголем раст се оние на Топлификација Скопје со 23,21% или просечна цена на 20.02.2016 година од 646,85 денари.

Арцелормиттал Скопје (ХРМ) во текот на февруари имаше најголем пад на вредноста на своите акции со 16,67% во минус и просечна цена на една акција од 10 денари. Пад од 10,49% имаат акциите на ФЗЦ 11 Октомври од Куманово, чија просечна цена на крајот на февруари беше 350 денари. На трето место се акциите на винарската визба Тиквеш со пад на вредноста за 10,10% и просечна цена од 2.500 денари.