Русија го преживува најголемиот одлив на мозоци од Октомвриската револуција

51
Веќе е јасно: во неделите од почетокот на војната, Русија го преживува најголемиот одлив на мозоци од Октомвриската револуција – интелектуалците масовно бегаат од земјата, пишува „Дојче веле“.

Ноќта на 4 март, рускиот истражувачки новинар Андреј Лошак, не успеа да заспие – како, всушност, секоја вечер од почетокот на руската инвазија на Украина.

Проверувајќи ги каналите што ги следи во Телеграм, меѓу бројните извештаи за тековни злосторства, тој нашол информации дека наскоро во Русија може да биде воведена воена состојба, што ќе го оневозможи напуштањето на земјата.

Така конечно е јасна одлуката за која размислувал со недели – мора да ја напушти Русија и тоа веднаш. Истиот ден, Лошак се качи на авион за Тбилиси.

„Совеста не ни дозволува да бидеме дел од оваа толпа“

Неговите колеги од независното радио „Ехото на Москва“ и опозициската ТВ „Дожд“, кои беа блокирани во Русија, веќе се таму. „Се најдов меѓу колегите. Се има чувство дека целиот еснаф се иселил“, вели новинарот.

Нема точни бројки, но веќе е јасно – во неделите од почетокот на војната, Русија го доживува најголемото бегство на луѓе од Октомвриската револуција. Се проценува дека неколку стотици илјади луѓе веќе ја напуштиле земјата, а според некои извори повеќе од милион се иселиле.

Речиси е невозможно да се одреди точниот број, бидејќи најпопуларни дестинации за бегалците се Грузија и Ерменија, каде Русите не се обврзани да имаат виза за влез во земјата. А многу мал број емигранти јавно објавуваат дека ја напуштаат Русија.

„Ова е најголемиот одлив на мозоци во поновата историја“, рече Андреј Лошак.
Научници, ИТ професионалци, новинари, блогери, режисери, писатели, модни дизајнери, архитекти, културни личности – сите тие ѝ го вртат грбот на својата земја штом ќе се соочи со светот.

Ѕвездата Ала Пугачева, на пример, веќе гради нов живот во Израел – заедно со нејзиниот сопруг Максим Галкин, кој е познат ТВ водител. Тука е и Иван Ургант, кој исто така е популарен водител. Актерката Рената Литвинова и пејачката Земфира се во Париз, каде што е забележан и режисерот Кирил Серебреников.

Писателката Људмила Улицкаја даваше интервјуа од нејзиниот стан во Берлин, примабалерината на театарот Бољшој Олга Смирнова најде нова работа во Амстердам, а блогерот Јури Дад се пресели во Истанбул.

Но, Русија не ја напуштаат само познатите личности со соодветни финансиски средства. Повеќето од нив се културни личности од средната класа кои прават голем чекор напред во непознатото со само еден куфер и малку пари.

„Никој од нас не заминува затоа што бараме подобар живот надвор“, изјави Андреј Лошак. „Сите ги загубивме животите. Тоа би го нарекол морална емиграција. Совеста едноставно не ни дозволува да бидеме дел од толпата што извикува „Zig Heil“.

Според независниот центар „Левада“, проевропските Руси кои ја осудуваат војната во Украина се најмалку 20 отсто од населението на Русија. Сепак, само неколку од нив можат да си дозволат да ја напуштат земјата.

„Напуштањето на Русија сега не е ниту храбар потег, ниту единствениот морално прифатлив став“, вели Галина Јузефович, позната книжевна критичарка која со семејството заминала во Турција. „Тоа е само привилегија“, додаде таа. Според Јузефович, оние што ја напуштаат Русија не се најдобри од сите, туку едноставно „оние кои можат да си го дозволат тоа“.

„Сè ја изгуби смислата, мисијата на мојот живот пропадна“

„Руската култура што ја знаевме престана да постои на 24 февруари“, вели Антон Долин, познат руски филмски критичар, публицист и јавна личност. Долин никогаш не сакал да ја напушти Русија, но само една недела по почетокот на војната побегнал од земјата и со семејството заминал во Летонија.

„Моето бегство го гледам како личен пораз. Сè што направив три децении, целото мое противење на властодршците – сега сè ја изгуби својата смисла. Мисијата на мојот живот – да ја ставам Русија на мапата како европска земја – се чини дека не успеа“.

Сепак, Долин се надева дека „сериозната болест на Русија е излечива“. И дека еден ден ќе може да се врати во татковината. Сепак, барем на краток рок, враќањето изгледа невозможно: рускиот претседател Владимир Путин ги опиша оние што ја напуштија земјата како „предавници на нацијата“ и ги прогласи за државни непријатели.

„Добро, знам дека не сум предавник“, изјави познатата руска актерка Чулпан Хаматова, која во првите денови од војната со трите ќерки замина во Летонија. Сè што сака е „да ја снема оваа темнина“ за да се запре војната. Но, кој е во состојба да ја запре оваа брутална војна? „Владимир Владимирович Путин. Претседател на Руската Федерација“, изјави актерката.