Русија им забрани на западните инвеститори да ги продаваат своите удели во стратешки проекти

120

Русија им забрани на инвеститорите од т.н „непријателски“ земји, односно земјите од ЕУ, САД, Канада, Јапонија и други, до крајот на годината да продаваат акции во енергетски проекти и банки, пишува Ројтерс. Овие земји воведоа голем број санкции против Москва од почетокот на војната во Украина. Како резултат на тоа, многу западни инвеститори го напуштија рускиот пазар.

Москва сега се обидува да го ограничи одливот на капитал, велат аналитичарите. Во некои случаи (на пример, за проектот „Сахалин 2“), руската држава дури директно ги национализираше акциите на странските акционери.

Указот на претседателот Владимир Путин потпишан во петокот (5 август) им забранува на акционерите од земјите кои ги поддржуваат санкциите против Русија да ги продаваат своите удели во стратешки проекти, банки, компании кои произведуваат опрема за производство на енергија, како и во проекти за ископување нафта, гас и јаглен. Оваа забрана стапува во сила веднаш.

Има и некои исклучоци кои мора да добијат посебно одобрение од Кремљ и централната банка. Во указот на претседателот конкретно не се споменуваат имињата на инвеститорите.

„Ројтерс“ потсетува и дека на крајот на минатата недела „Роснефт“ го обвини „Ексон Мобил“ дека го саботира производството во „Сахалин 1“, откако американската компанија соопшти дека бара купувач за својот 30 отсто удел во проектот. „Ексон“ одби да ја коментира веста, иако пред неколку дена објави дека има значителен напредок во постапката за продажба на својот удел во рускиот проект.

„Шел“ исто така се обидува да се ослободи од своите руски средства.

Сепак, не само енергетските гиганти се обидуваат да продадат средства во заеднички компании во Русија. На пример, банките „УНИКредите“, „Сити Груп“ и „Рајфајзен“ исто така бараат начин да се повлечат од пазарот и да бараат купувач за нивните средства.