Секоја трета компанија во Германија стравува за својот опстанок

69

По децении користење на евтин руски гас, германската индустрија се соочува со криза бидејќи драстичното намалување на протокот на гас од Русија ги принуди добавувачите да купуваат гас по зголемени пазарни цени и тие трошоци да ги префрлат на потрошувачите.

Зголемените трошоци за енергија и тесните грла во синџирот на снабдување придонесоа за 26 отсто зголемување на стечајните постапки во Германија во август, соопшти економскиот институт IWH, додавајќи дека наесен се очекува нов бран несолвентност, пренесува Euronews.

Во истражувањето на германското индустриско здружение BDI, кое беше спроведено од средината на август до почетокот на септември, повеќе од една третина од 593 компании изјавија дека нивното постоење е загрозено од зголемувањето на цените на енергијата.

Речиси 10 отсто од средните индустриски претпријатија го запреле или го намалиле производството, пренесува Handelsblatt, повикувајќи се на истражувањето на BDI. Во исто време, секоја петта од анкетираните компании размислува за делумно или целосно преселување на производството во странство.

Според BDI, брзото зголемување на цените на енергијата создава суштински проблеми за германската индустрија, бидејќи повеќе од 90 отсто од анкетираните компании се жалат дека зголемувањето на цените на енергијата и суровините станало сериозен или егзистенцијален предизвик за нив. За 58 проценти од компаниите тоа е „голем предизвик“, а за 34 проценти е егзистенцијална закана.

Веќе во февруари, пред почетокот на воениот конфликт во Украина,BDI предупреди на опасноста од „бегство“ на индустриското производство во странство. Тогаш процентот на фирми кои размислуваа за делумно или целосно преселување во странство беше околу 26,5 отсто.

Според резултатите од истражувањето на BDI, растот на цените имал многу специфично влијание врз инвестициите. Околу 40 отсто од компаниите ги одложиле инвестициите во еколошка трансформација на неодредено време, додека 20 отсто од нив ги забрзале инвестициите.

Нарушувањето на фабричкото производство обично има далекусежни последици за другите сектори на економијата, наведува Дојче веле. Економистите сметаат дека Германија оди кон рецесија, а синдикатите се едногласни во барањето германската влада веднаш да иницира програми за помош на економијата.