Што е годишна даночна пријава, кој ја поднесува и како се пополнува

314

digitron

Фото: Pixabay

Годишната даночна пријава за утврдување персонален данок на доход за 2016 година ја пополнуваат и поднесуваат сите граѓани во земјава, кои освен плата или пензија, во текот на ланската година оствариле и дополнителен приход.

За кого е задолжително поднесувањето на Годишна даночна пријава

Поднесувањето Годишна даночна пријава е задолжително за сите граѓани кои во 2016 година: издавале некој вид на објект под кирија; оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост; добиле дивиденда или камата по основ на заем исплатен на физичко или правно лице; оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот; оствариле добивка од игра на среќа поголема од 5.000 денари; имаат лични примања од странство за активности поврзани со работа во Македонија; имаат работен ангажман во амбасада, мисија на меѓународна организација во земјава или лични примања од дипломатски, конзуларни претставништва на странски држави во земјава или лични примања кај претставници и службеници на претставништва кои имаат дипломатски имунитет.

Доколку во текот на 2016 година, граѓаните оствариле приход само од плата, пензија, земјоделска или самостојна дејност, во тој случај немаат обврска за поднесување Годишна даночна пријава.

Исплатувачите на приходи имаат обврска до 25.01.2017 година да издадат збирна пресметка со којашто се потврдуваат исплатените приходи и дека за нив е платен персонален данок.

godisna-danocna-prijava

Како се пополнува даночната пријава

Најпрво се внесуваат личните податоци на лицето кое во текот на 2016 година, освен плата или пензија, остварило и други видови на приходи. Се пополнуваат полињата со единствениот матичен број, неговото име и презиме, како и адреса на живеење и телефон и електронска пошта за контакт. Даночниот период за којшто се поднесува пријава е во временска рамка од 01.01.2016 до 31.12.2016 година. Рокот за поднесување е 15.03.2017 година.

Во полето плати и надоместоци на плата од работен однос и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот се пополнува кога даночниот обврзник, покрај овие приходи во текот на годината остварил и приходи и по други основи. Најпрво се внесува бруто износот на платата, којашто била исплатена во пари или некој друг облик. Во делот на вкупен износ на одбитоци се внесува износот на вкупно платени придонеси за задолжително социјално осигурување, додека во полето вкупен износ на платени аконтации се внесува износот на платениот персонален данок во текот на 2016 година.

Доколку даночниот обврзник е пензионер, во тој случај во одреденото поле за пензии добиени во Македонија, се земаат во предвид податоците од потврдата што треба да се земе од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во полето означено со бруто износ на пензијата се става износот од нето пензијата и пресметаниот данок што е евидентиран како платен, а како вкупен износ на платени аконтации се внесува платениот данок.

Пример: Доколку во текот на 2016 година, освен платата или пензијата, даночниот обврзник оствари поединечна добивка од игри на среќа поголема од 5.000 денари, тогаш во полето добивки од игри на среќа се пополнува бруто износот на добивката остварена во пари или предмети, а во полето вкупен износ на платени аконтации се внесува износот на платениот персонален данок во текот на 2016 година.

Најдолното поле е вкупно – во коешто се собираат износите од горните колони. Тие износи покажуваат колкави биле годишните бруто приходи (во колона 1), за колку се намали приходот по различни основи (во колона 2) и колкав е износот на платен данок за 2016 година (колона 3).

Доколку даночниот обврзник не ја поднесе Годишната даночна пријава до 15-ти март или во пријавата нецелосно ги пријави приходите, законот предвидува глоба за сторен прекршок, којашто се движи од 100 до 200 евра во денарска противвредност.

Каде се поднесува Годишната даночна пријава

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да се преземе преку интернет страницата на УЈП или во даночните канцеларии на Управата. Таа се пополнува во два примерока и се поднесува во надлежната даночна канцеларија на Управата според местото на живеење или преку е – даноци. Граѓаните кои се од други градови, но работат, живеат или студираат во Скопје, даночната пријава може да ја поднесат во Контакт центарот Скопје на улицата 11 Октомври бр. 27. Исто така, даночната пријава може да се поднесе по пошта на адресата на надлежната Регионална дирекција на УЈП.