Што е компензација?

4797

Под компензација се подразбира начинот преку којшто должникот и доверителот ги подмируваат меѓусебните обврски. Компензацијата се случува кога доверителот има побарување од должникот, но во исто време и му должи одреден износ по друга основа.

Со еден збор, компензацијата претставува економска активност со којашто се пребиваат меѓусебни побарувања на два субјекта. Кога ќе се спомене компензација се мисли на затворање на обврски и побарувања кон деловниот партнер на безготовински начин, односно само со пребивање.

“Должникот може да го пребие побарувањето што го има спрема својот доверител со она што овој го побарува од него, ако двете побарувања гласат на пари или други заменливи предмети од ист род и ист квалитет и ако двете се стасани“, стои во членот 325 од Законот за облигациони односи на Македонија.

Законодавецот вели дека пребивањето, односно компензацијата не настанува што се стекнат услови за тоа, туку потребно е едната страна да ѝ изјави на другата дека врши пребивање. По изјавата за пребивање се смета дека пребивањето настанало оној момент кога се стекнале услови за тоа.

Компензацијата ја олеснува меѓусебната соработка на бизнис партнери кои имаат изградена заедничка релација. Доколку еден од нив побарува одреден износ, а во исто време должи ист или различен износ, нема потреба од плаќање, туку може да се изврши пребивање на износите.

Ако долговите или побарувањата кон истиот деловен партнер не гласат на ист износ, компензацијата може да се спроведе во висина на понискиот од двата износи. На пример, компанија X должи 50.000 денари, а долгот на компанијата Y е 40.000 денари. Двете компании одлучуваат да ги “затворат“ своите побарувања со компензација. Долговите штом достасуваат, истите се книжат во сметководствениот систем на компаниите. Во дадениот случај, компаниите ако компензиираат, тоа ќе гласи на износ од 40.000 денари. Остатокот од 10.000 денари ќе остане како побарување на компанијата Y, којшто или ќе се плати или ќе остане да се искомпензира во иднина.

За да може да се реализира компензацијата неопходно е двете страни да потпишат изјава за компензација. Овој документ може да го иницира било која од двете страни, а ќе стане полноважен кога двата деловни партнери ќе стават свои потписи со што потврдуваат дека се согласуваат со компензацијата.

Фото: Pixabay